Колумна: Баксузна вила Добрила

Дуда од рано утро ја бие малер – ѝ цркнаа бојлерот, неонката во тоалетот, акумулаторот во автомобилот и тоа само заради сосетката од седми, која кога и да ја здогледа – три дена нема среќа. Па зар секогаш мора да се нацрта таму каде што не треба?! Што е следно?

Парапсихолошки сигнали

Така е и со Добрила. Владо би можел да ја сретне и потоа да го стрефат сто малера, а тој никогаш не би ги поврзал со неа. Кај мене нештата се некако подлабоки и имаат некое значење. Не сакам да се враќам дома кога нешто ќе заборавам. На верски празник не земам пегла во рака и не ја вклучувам машината за алишта. Не живеам на број тринаесет. Во чантата секогаш го носам оној среќен Змејко (за неупатените – мал црвен влекач, кој го пронајде Бони во киндер-јајце, за кој од некоја причина сметам дека ми носи среќа).

Не сакам да ми подарат празен паричник. И не земам запалки и шкорчиња од други луѓе. Избегнувам чантата да ја ставам на земја, и не сакам да седам на аголот од масата. Кога ќе ми „заигра“ левото око, знам дека ќе плачам. Ако ме зачеша носот, ќе се лутам. А ако ме зачеша увото – некој ме озборува. Кога ќе ме зачеша левата дланка, ќе добијам пари. И не сум единствената што верува.

Ете, Гога, на пример, никогаш не поминува под скали. И кога ќе тргне на некој важен состанок ме тера да истурам вода по неа. Мајка ми сè уште чува пресувана детелина со четири листа во онаа дебела книга со рецепти.

Бабини деветини

А пак баба ми, таа е вистинско шоу. Таа ги знае сите гатанки, бројаници, бајачки за истерување малер… Кога и да слушне дека некој нè фали мене, Бони или мама, таа го прочешува носот и го кажува славното: „Пу, пу, пу, да не те урочат!“. А кога прави колачи, секогаш става една лажица повеќе брашно отколку што треба. Вели, така требало. Кога го меша јадењето, го меша исклучиво во правец на стрелките на саатот, бидејќи ако мешаш наназад, во домот сè ќе ти одело наопаку.

Лебот никогаш не го врти од спротивната страна и не ги собира трошките од масата со рака. И не ни дава да свиркаме во куќата. За отворен чадор и да не зборувам! Навечер секогаш ги реди сите чевли во претсобјето, иако ние имаме обичај да се собуваме кај што ќе стигнеме. Вели дека ако чевлите ти се едната ваму, а другата таму, тогаш и умот ќе ти биде расеан.

Кога ќе се појават мравки – вели ќе врне. А бубамара на прозорец – е тоа значи дека пристигнуваат гости. А кога ќе не испрати, никогаш не средува по нас додека не ѝ  се јавиме дека сме стасале. Значи, нè има повеќе, не сум сама. Да не слушне ѓаволот.

Семејно наследство

„Човек мора да верува во нешто“, вели Нина. „Што би правеле кога не би верувале? Замисли сè да се сведува на рационалното, на реалното…?! Тие мали знаци ни даваат нешто што можеме да предвидиме, демек сме во состојба да се заштитиме себеси, како и блиските. Суеверието постои од далечното минато и секогаш ќе постои. Јас учев од мајка ми, таа пак од баба ми и така… А дури и да не станува збор за семејно наследство, некои навики ги усвојуваме со тек на времето.

Го знаеш она: ако станам на лева нога, цел ден ќе ми биде наопаку?! Е па, кај мене е спротивното. Кога ќе видам црна мачка, знам дека ќе ми се случи нешто убаво. И да знаеш само, верувам во она во што верувале нашите стари, а не сега оваа денешнава младина – кога ќе почнат да ми ги испраќаат оние мејловине за форвардирање, па испрати го ова на минимум пет лица, во спротивно ќе те следи несреќа…

Е, навистина не знам кој воопшто верува во тие глупости?! И таа твоја Добрила, ако сакаш искрено, има лек и за неа. Дали некогаш си слушнала за моќта на позитивното мислење? За автосугестија? Ти спииииииеш, ти спииииеш… Твоите капаци стануваат теееееешкиииии…“

Како бумеранг…

„Дали знаеш дека мајка ти не те изнесувала од дома четириесет дена откако си се родил?“, го боцнав Владо синоќа во креветот. Не можев да издржам, морав. „И дека пелените не ти ги сушела во темница? И дека си носел црвено конче околу раката сè до крштевката?” „Не знам”, викна Владо и го повлече јорганот на својата страна во знак на протест. „Мал сум бил и не се сеќавам.“ „Па тогаш зошто носиш различни чорапи?“, упорна бев јас. „Против уроци, нели, признај!“ „Луда жено, ги носам зошто не можам да спарам две исти, затоа!“

Утредента алармот од непозната причина не го разбуди. А потоа истури и кафе на новата кошула. Задоцни на работа. Ништо не му реков. До пладне веќе побесне. „Го вклучувам компјутерот, гледам, нешто завива, свири, кога што да видам, се расипал! Одам во сервисот, купувам делови, се враќам, кога – не одговараат. Го вадам целиот хард-диск, го вклучувам, во лаптопот, но не дава ѓаволот, таму не ми ги чита драјверите…“ Навистина не ти е лесно, си помислив. „Што има за ручек, Дудице? Ајде, направи ја онаа твојана мусака, да го скршиме малерот, ќе сакаш?“ Ајде де, да ти направам кога си запнал, си помислив. Знам колку сака мусака.

Земам кромид, го динстам, додавам месо, посолувам, ставам црн пипер, ставам се да се пече, за миг тркнувам до шпајзот, кога – нема ниедно компирче! Знаев! Ја облекувам јакната и трк до продавница. Кога таму, погодете кој? Добрила! „Повелете?“ „Ми треба компир.“ „Леле, комшике, пред малку отиде целиот, цела гајба, нема ни пет минути…“ „Пред малку, велиш…?  ДОБРИЛААА!!!!”

Текст: Дуда Алапача

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.