Колумна: Бадијала варосувавме

Колку често се чувствувате како глушец во кафез – упорно и посветено го вртите тркалото мислејќи дека ќе стигнете некаде, а всушност трчате во место? Но никако да застанете! Можеби никогаш нема да имате шанса да се вратите во игра

Додека некои паметни жени убавото време ги инспирира да шетаат, да отидат во природа – јас, лудача луда, варосувам. Добро, не варосувам само јас, варосуваат и Владо и тато, но јас ги правам сите споредни работи. Ако, така ти треба, Дубравка, кога си кретен, си мислам. Паметна е Гога, штом Боги ќе почне да варосува, таа и малата одат на село. За да не му пречат, вели. А јас сум запнала како брлива. Како да нема утре. А зедов и слободни денови од одморот за да имам време да исчистам и да вратам сè на свое место. А тоа што јас не сум на место – тоа никому ништо, нели?

„Ајде, уште претсобјето“, предложи Владо. „Леле, не можам“, велам. „Како не можеш?“, се замеша мама. „Не можам, мамо, немам сили.“ „Па, каде ти е младоста?“, прашува мама. „Која црна младост? Мамо, јас имам четириесет години, тоа не е младост.“ „А јас имам шеесет и некоја, па туркам.

Зар не ти е срам од мене, толку стара, да се прашуваш каде ти е младоста.“ Кога го завршивме претсобјето, седнавме среде собата за да им се восхитуваме на свежо варосаните ѕидови. „Не ми чини кортизолот, мамо“, реков онака, патем. „Е па, Дудо, сама ги избра боите, нема сега не ти чини.“ „Мамо, бојата е добра, мојот кортизол не е. Кортизол, разбираш?“ „Што ти е тоа?“ „Хормон на стрес.“ Мама замолчи. „А зошто ти го вадеа?“ „Затоа што лекарката се посомнева дека сум под стрес.“ „Под каков стрес?“, се зачуди мама. „Под вистински стрес, со години, од утро до мрак!“ „Не знам, мене тој кортизол никој не ми го измерил. Не ни знаевме дека постои.“ „Мамо, не ти го мереле затоа што не си била под стрес.“

БЕЗБРОЈ „МОРАМ“

„Ма немој, госпоѓице…“, скокна мама. „Ние не сме биле под стрес, а? Па бевме, само што не го викавме така.“ „Не бевте, мамо, а и да сте биле, поинаков стрес е тоа. Некако беше полесно, времињата беа поспокојни. Дали знаеш кога последен пат бев спокојна, мамо? Кога добив петка по хемија. А можеби ни тогаш. Знаеш што, мамо, вие барем имавте три оброци на ден… Јас ги немам со години. Моето семејство ги нема со години. Ако успеам наутро нешто да каснам, тоа е… Бог знае што е! А да не зборувам за ручек. Се хранам слабо, а отечена сум по цели денови.

Уморна легнувам, уморна станувам. Немам волја за ништо! Немам потрчано… па, не паметам од кога. Забавена сум и тромава, а за ништо немам време. Ништо не може да чека. Немам време кога да се ресетирам. Ќе помине неделата, а не сум стигнала ни да се завртам. За месеците и годините и да не зборувам. Веќе не умеам да јадам полека. Веќе не умеам ни да одам полека. Секогаш брзам некаде. Сакам да стигнам, но немам време.

А енергија од никаде. Кожата ми е сува, косата ми опаѓа, килограмите се лепат, доволно е само да погледнам леб и веќе да не можам да влезам во панталоните од вчера. Знаеш, и јас би сакала да го запрам времето, да го препознаам мигот кога сè е добро, во кој се чувствувам добро, па да го премотам по стопати. Но немам кога. Морам понатаму. Морам повеќе. Морам да бидам добра. Морам да бидам најдобра мама на светот. И најдобра сопруга. Најдобра ќерка. И пријателка на која секогаш можеш да се потпреш. Морам да имам кариера. Сакам, а не можам. Никој не може. Барем не постојано.“

КАКО ГЛУВЧЕ ВО КАФЕЗ

„Знаеш, мамо, се чувствувам како глувче во кафез што го врти тркалото бесконечно, мислејќи дека оди некаде. Не одам некаде. Стојам во место. Ми снемува воздух. Срцето ми чука силно. Ми се потат дланките, ми се темни пред очите, желудникот ми се грчи од нервоза и колената ми потклекнуваат, но се плашам да слезам од тркалото. Затоа што, ако слезам, никогаш нема да успеам да се вратам. Толку многу нешта ме измачуваат, мамо. Не ти зборувам за нив затоа што не сакам да се растажувам, но… многу размислувам. Овој мозок не застанува. Никогаш. Се грижам.

Се грижам што ќе биде утре. Се грижам за тебе и за тато. За Бони. Размислувам за себе и за тоа како не успевам да излезам накрај со овој подмолен свет. Се обвинувам себеси што не умеам да запрам, да се тргнам малку, да си речам: не мораш ти сè. Се јадам што од еден кредит влетувам во друг, со поголем рок за отплата. Криво ми е што не знам да се тргнам од лоши луѓе, што не можам да им кажам што навистина мислам за нив, и што им се смешкам додека ми врие во стомакот. Што не умеам да се изборам за себе во некои ситуации, туку, ете, се тргам настрана. Попаметниот попушта и други такви заблуди. Мамо, предолго сум ‘паметна’, толку долго што мислам дека ќе полудам.

Сè си мислам нешто ќе се смени, а тоа ништо! Не се менува. Мора прво јас да се сменам. А тоа не е лесно. Си мислам денес, утре, кога – никогаш! И тогаш наидува кортизолот. И веќе немаш каде. Уморна сум, мамо, уморна од сите компромиси што ги направив во животот. Уморна сум да угодувам, да попуштам, да се повлекувам, да бидам културна и фина, на цивилизиран начин да ги решавам работите. Имам четириесет години. Ако само уште еднаш некому кажам ‘извини’, ќе се распаднам на илјада парчиња. Лекарката ми вели да го елиминирам стресот. Како, мамо? Како кога е секаде наоколу? Да го елиминираш стресот значи да го елиминираш животот, буквално. А тоа не можам.“

НАУЧИ ДА ЖИВЕЕШ СО ТОА

„Мора да научиш да живееш со тоа“, рече мама. „Да го доведеш во ред, некако. Да најдеш време за себе. Мислам, која сум јас да ти кажувам што било, но во наше време се знаеше – во сабота на фризер, во недела кај шивачката, во работни денови во 3 дома од работа.

Знам дека не можеш да излезеш во три, но пронајди некој свој ритам. Обиди се. Не мораш баш сè. Најди жена, плати ја, нека ти пегла еднаш неделно, а ти за тоа време – мажот подрака и на прошетка. Во почетокот не морате далеку, доволно е низ населбата. А и Бони би требало порано да си легне, многу сте ја разгалиле, онаа вечер се јавувам во 10 навечер и таа ми одговара на телефон.

Кога ти беше дете, се знаеше во кое време се легнуваше. И се знаеше зошто. Не си мала, не морам да ти цртам. Всушност, имаше петка по хемија.“ Влегува тато бел од бојата. „Што сте се расквачиле вие две?“, прашува. „На детето не му е добар кортизолот.“ „Па добро, ако не е добар, ќе преваросаме утре повторно.“

Текст: Дуда Алапача

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.