Дуда Алапача во епизодата – Што ѝ е на баба мило, тоа ѝ се сонило

Порано, за сите петки девојчињата добиваа барбики, а денес за одличен успех бараат мобилни телефони, но сепак постои нешто што не се менува низ годините – сите тие желби ги исполнуваат бабите

Кога бев мала, барбиките беа поим. Онаа што ја имаше – беше вистинска фаца. И не можеше да се купи туку така, туку – ако имаш некого во странство, па да ти ја купи, или ако знаеш некого што патува и кого си го задолжил во животот, па да застане во фришоп и да ти ја купи.

Од моите другарки, барбика имаше само Марија, бидејќи тетка ѝ работеше во некоја амбасада, патуваше, па и можеше, додека, пак, ние, обичните смртници, си игравме со обични кукли, чии нозе не се виткаа во колена и кои беа повеќе, онака – лоши имитации на девојчиња на возраст од три до пет години.

Горделив ген на баба
Сите дома знаеја дека сакам барбика. Заврши школската година, јас го донесов свидетелството со сите петки, примерно поведение, мама растеше како квасец… вели „сите соседи ќе ги викнам на кафе, таков е редот.“

Дојде и баба, ми донесе бонбони „квики“ и „ресани“, добро се сеќавам, како денес да беше… Седна во нашата кадифена фотелја, а јас трк да ѝ се пофалам со свидетелството.

„Види, бабо, сите ми се петки.“ „Не гледа баба, сине, но ако ти велиш така – така е! А што сакаш да ти купи баба, пиле мое?“ „Барбика!“ „Што е тоа?“ „Ма, остави ја, мамо, фантазира“, суфлира мајка ми од кујна. „Чекај, да слушнам, што кажа?“ „Барбика“, повторив јас. „А што е тоа?“ „Кукла. Бабо, да знаеш само колку е убава… Има долга руса коса до тука“, раскажувам и го покажувам крајот на грбот. „И нозете ѝ се виткаат во колена…“ „Добро, добро, разбрав, а колку чини?“ „Чини куп пари“, се замеша мама. „Чини толку многу што ми е срам да ти кажам. Сто години да живееш, нема да може да ги собереш тие пари, бабо!“

Баба ми подигна веѓите. Јас се онерасположив. Значи, ништо, си помислив. Баба ми беше последната надеж. Последната линија на одбрана. Ако некој можеше да ми купи барбика, тоа беше таа. А сега… збогум!

„Кој не може да ги собере парите?“, скокна баба. Скокнав и јас. Не сметав на бабиниот дрчен ген. Баба може сè, уште ако ѝ кажеш дека не може, тогаш има да може уште двапати. „Има да ги соберам макар не станала од местово!“. „Многу ти благодарам, мајко, што ми го поткопа авторитетот пред детето“, кажа мама и се упати во кујната. „Не слуша баба, сине“, рече баба и тука се заврши приказната. Главно – јас добив барбика. Вистинска барбика, на која нозете ѝ се виткаа во колената.

Патешествието на барбиката
Многу години подоцна дознав кого сè ангажирала баба за да ја добијам барбиката. Таа го кренала на нозе целото соседство и така стасала до Станка Митрова од петтиот кат, за која знаеше дека има сестра во странство. Станка прифатила да ѝ помогне, затоа што баба порано ѝ средила една недела во Катлановска бања.

Е, Станка потоа, од телефонот на баба, ѝ се јавила во Словенија и откако се распрашала за сечие здравје и испукала кој знае колку импулси, дознала дека Бранка веќе не е во Минхен, но го оставила својот син да работи таму, кој се враќа токму наесен. Колкава сметка баба направила во она време, можам да замислам само, и колку тој синот ѝ наплатил за услугата (веројатно дупло), никогаш не дознавме, но барбиката пристигна во нашите краишта и ме пречека токму ред поаѓање во четврто одделение.

Вистинска русокоса, што ги витка нозете во колена. Кога пристигна, јас буквално снемав глас. Се сеќавам, зјапав во кутијата плашејќи се да ја одвиткам. „Што се вика, Дудо?“, ме праша мама. „Се вели благодарам.“ „Ајде, ти само продолжи да учиш, баба ќе ти купи и друга идната година!“

Нови генерации
Пред некој ден бевме кај моите. Бони се смести кај мама во скут, нешто шушукаат, се кикотат, ги слушам…

„Што разговарате вие две?“, прашав. „Ништо, не мора ти сè да знаеш“, ми кажа мама и ми намигна. Не е на арно, си помислив. Подоцна ја потргнав мама во кујна. „Што сака?“, прашав. „Некаков мобилен“. „Не може!“ !Ама, мамо, кај мене во клас сите имаат мобилни телефони!“ „Не може, реков!“ „Сите имаат ајфони, самсунзи, експирии, само јас немам…“ „Реков не и точка!“ „Значи, сите снепчетуваат, само јас не можам!“ „Што прават сите?“, ја прашав.

Почна да ми објаснува. „Во ред, разбрав и сè уште не може, рано ти е!“ „Е, па мене баба ќе ми купи!“, фркна и отиде да се лути во соба. „Мамо, не можеш да ми го правиш ова… Не можеш туку така да ми го поткопуваш авторитетот!“ „Ама заслужи детето“, ми кажа мама. „Сите ѝ се петки.“ „Знам дека сите ѝ се петки, не се работи за тоа, не може да добие сè што ќе посака. Во животот работите едноставно не функционираат така.“

„А како функционираат?“, праша мама. „Мислам, ќе има кога нема да има сè што ќе посака. И нема да има сè што ќе посака. Токму затоа сега треба да има сè. Не мора ти да ѝ купиш, ќе ѝ купам јас.“

„Мамо, дали знаеш колку чини таков телефон?“ „Колку?“ „Колку и да чини, ти ги немаш тие пари, мамо.“ „Кој вели дека немам?, прозборе истиот оној горделив ген. „Е, има да ѝ купам макар не станала од местово…“ „Што се чудиш?“, ме праша Гога.

„Па бабите служат да ги расипуваат децата. Да се прашуваше мајка ти, ти немаше да видиш ни Б од барбиката. Затоа биди среќна што имаш мајка, која е добра и дарежлива, и која на твоето дете ќе му го овозможи сето она што ти не сакаш, не можеш… Дали ти имам раскажано дека кога бев мала, дедо ми ми купи патче? Вистинско мало патче. Го купи и ми го донесе, го чувавме во кутија на балконот, всушност, не го пуштавме дома, но тоа патче одбележи добар дел од моето детство.“ „Сакаш да ми кажеш дека можев и полошо да поминам?“ „Па така некако“, кажа Гога и ги спушти рамениците.

Ти благодарам, бабо
„А сигурна ли си дека не сакаш барбика?“, ја прашав додека стоевме пред продавницата за мобилни телефони. „Мамо, веќе никој не си игра со барбики. Никој веќе не си игра со кукли генерално.“ „Не ја замарај, дете“, ме бодна мама со лактот. „Потребен ѝ е телефон. Гледаш какви времиња дојдоа, веќе никој не може без телефон. А што ако, не дај Боже, нешто ѝ се случи, а нема од каде да ти се јави? Вака секогаш можеш да знаеш каде е и со кого е.“

„Мамо, таа оди во четврто одделение, секогаш знам каде е и со кого е.“ „Знам, но сама се враќа дома… кој знае.“ „Да, кој знае што може да ѝ се случи за тие триста метри.“ „А тука се и игрите, детето мора да е во тек. Да не заостанува зад врсниците. Треба да ги следи сите тие снепчетови и чуда!“ „Мамо, сè уште имаш фора да се премислиш.“ Мама ме погледна. „Одлучив, го купувам!“

„Овој“, кажа Бони и покажа со прстот. „Токму овој?“ „Да, токму тој.“ „Добро“, кажа баба и се фати за паричникот.

Јас продолжив да ги гледам од страна. Жената на пултот ја кажа цената. „Колку?“, повтори мама и ме погледна. „Мамо, ти кажав, во ред е, не мора да има баш сè што ќе посака.“ Мама ме шибна со погледот. „Дали може да платам со картичка?“, праша. Излеговме од продавницата. „Што се вика?“, ја прашав Бони. „Ти благодарам многу, бабичке, јас сум најсреќното дете на светот!“ „И што се вика уште?“ „Се вика: не купивме футрола и слушалки!“

Текст: Дуда Алапача

Фото: Pixabay

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.