Дуда Алапача во епизодата… Шарени пилули за дијареја

Колумна

Примaјќи неочекуван повик од сопругот на својата најдобра пријателка, Дуда веднаш се посомнева дека нешто не е во ред. Набрзо откри дека нејзината Гога чудно се однесува во последно време… а сега се прашува зошто

Не дека се дружам со мажите на најдобрите другарки. Тие ми се ОК, но сè додека сме на безбедно растојание, бидејќи сепак тоа се ѕверки од спротивниот табор, некако ни оди. На пример, Борко на Гога. Знам сè за него, и како спие и што јаде и каква боја чорапи носи, знам и дека криел жаби под креветот кога бил мал, но тоа го чувам за себе.

Не дека сум луда по него, претпоставувам дека ни јас не сум му во топ-десет, но имаме некој таен договор да не се напаѓаме – и тоа функционира. Сè додека ненадејно не го здогледав неговото име на дисплејот на мобилниот.

Неочекуван повик

ОК, го има мојот број, го имам и јас неговиот сто години, но тоа не значи дека му се имам јавено. Едноставно, тоа е број што со тек на време забораваш дека си го имала, па се изненадуваш кога ќе налеташ на него во телефонскиот именик. Мажите на своите најдобри пријателки никогаш не ги бараш, ни кога ти е добро, ни кога ти е лошо, ни кога ќе се напиеш, ни кога им е роденден. Им честиташ преку посредникот и толку!

Еднаш му реков на Владо: „Ако некогаш ми се случи нешто, а не можеш да ја добиеш Гога, еве ти го бројот на Борко, за секој случај, но барај го само ако не можеш да добиеш ни полиција ни противпожарна ни мајка ми“. Значи, само кога е неопходно. Е, па токму затоа шокирано зјапам во тоа „Борко на Гога колинг“ на мониторот, бидејќи знам дека не ми се јавува за да ми го слушне гласот, ни да ме праша како ја правам фамозната пита со јаболка.

„Ало“, велам крајно внимателно. „Дудо, ти си…?“ „Јас сум.“ „Не знам како да почнам…“ „Како сакаш, само почни…“ (Бог да чува, колку чуден тип!). „Дали е сè во ред со Гога?“, прашувам. „Добро е“, пелтечи, а потоа следува драмска пауза. „100% е добро? Борко, да не се случило нешто? Дали е добро Мила?“ „Да, да, и двете се добро, сè е во ред, добро сме“, повторува тој. „Дали си ти ОК?“, прашувам. „О, да, добро сум, благодарам. Како сте вие?“ „И ние сме супер“, одговарам. „Е, па ништо тогаш, се јавив да слушнам како сте.“

По ѓаволите, што се случува?

Останав без текст. Се јави за да види како сме?! Мало морген! Кој знае што се случило кај нив… Тој никогаш не би ми се јавил за да ме праша за здравјето. Ехеееј, од кога ми е сомнителен тој мене… Секогаш толку мирен и фин, а тие се најлоши, еден ден им пука филмот, па убиваат сè наоколу.

Им ја наоѓаат тетката искасапена во замрзнувачот… Но сигурно има причина за тоа што ми се јави. Брзо го вртам телефонот на Гога. Ако тој не сака да ми каже, има кој сака. Претплатникот не е достапен во моментов.  Лажеш, си мислам. Гога е секогаш достапна. Секунда ме дели од паника. Повторно му вртам на Борко. „Ало?“ „Итно мораме да се видиме. Нешто не е во ред со Гога. Нешто се случува“, ми вели.

Чудно однесување

„Како мислиш нешто се случува“, прашувам додека го мешам кафето. Борко, мојот најлут противник, седи на каучот во мојата дневна соба и нервозно цупка со ногата. Настојува да изгледа смирено, но ноктите го издаваат. Стутканата кошула го издава. Брадата од три дена. „Сите оние дреболии за кои жените како Гога водат сметка  – исчезнаа. Нешто навистина се случува. Тоа повеќе не е истата жена“, вели тивко. „Борко“, го прекинувам во старт, „ако мислиме на истото, веднаш да ти кажам дека таа нема друг. Нема никој од страна, да имаше, јас ќе знаев, а кога би знаела, би ти кажала, не би чекала да ми дојдеш на канабето.“

(Колку гнасна лага, демек веднаш ќе се стрчав да му кажам…?)

„Не е тоа“, одмавнува тој. „Во почеток мислев дека ја дрма предвремен климакс, но гледам дека сè уште купува влошки и тампони, така што тоа сега не ми е ни на крај памет… Дудо, многу чудно се однесува во последно време, не можам да ја препознам…“. „Па добро, имаш ли некои конкретни примери, не можеш само врз основа на впечатоци да донесуваш заклучоци? Премини на нешто поконкретно.“ „Поконкретно? Примери има колку што сакаш! Не спие. Гога, која знаеше стоечки да заспие во автобус, сега останува будна до глува доба во ноќта. Готви, пегла, брише прашина, чисти со правосмукалка во три часот наутро…“

Ја кревам едната веѓа. Гога, која се згрозува од домашни работи – чисти доцна во ноќта? Гога, која би платила само да може да остане во кревет пет минути подолго, сега шета низ дома цела ноќ? „Тоа не е сè“, продолжува Борко потиштено, „вчера похуваше пилешко месо… и тоа во мелен кекс.“ „Добро, лебни ронки – мелен кекс, тоа е слично, секому може да му се случи“, ја бранам јас.

„Ми ги пегла само десните ракави на кошулите“, продолжува. „Па што, и онака си деснак.“ „И почна многу да експериментира со зачини. Многу да експериментира.“ „Што значи многу?“, прашувам. „Многу значи дека во последниве две недели секоја супа што ќе ја свари има вкус на жалфија.“ „Уф“, се муртам. „Белки не го јадеш тоа?“ „Го јадам“, вели тој. „Што да правам, морам.“

Антидепресив против пролив

„Се плашам дека пие некои лекови“, шепоти Борко, и покрај фактот  што во станот, освен ние двајца, нема никој друг. „Има некои апчиња, ги крие од мене, знам каде се, во онаа кутија за засладувач. Знае дека никогаш не го користам.“ „Тоа ништо не ни значи“, слегнувам со рамениците, „мора да го најдеш оригиналното пакување, називот, само така ќе знаеме на што сме. Пробуричкај ѝ во чантата. И да го фрлила пакувањето, упатството сигурно го чува.“

Тој се насмевна. „Кога ќе дознаеме на што е Гога, ќе знаеме на што сме и ние.“ „Флуи…така нешто“, ми се јавува по десет минути. Мали, црвени, во пакување од десет. Антидепресив! Знаев! Точно знаев! Молчам, не му кажувам за што станува збор. „Што е тоа“, ме прашува. „Ама ништо“, го смирувам. „Ама како ништо, ене ја, веќе еден час трча на лентата и нема намера да запре.“ „Те молам, не драми, тоа е против пролив. Само тргни ги некаде да не ги најде детето.“

На сите им треба релаксација?

Гога и шарените апчиња? Гога, која до вчера трипати размислуваше дали да испие половина аналгетик кога ќе ја заболеше стомакот, сега дрма антидепресиви како да се бонбончиња? О, Боже, што сè нема да ме снајде! Итно мора да одам кај неа, додека не станало предоцна. Ќе ѝ кажам, Гого, маче, не ти требаат тие бонбончиња за среќа, имаме ние среќа за извоз, заврти се само околу себе!

Се разбира дека нема да ме послуша.  Само да знаеш дека од нив паѓа косата, ќе ја предупредам. Па што, ќе ми каже, и онака немам некоја коса. По брак од 15 години, на кого му е гајле за сексуалната желба? Сакам да се чувствувам добро, сексот нема никаква врска со тоа. Тоа што го пиеш предизвикува халуцинации. Уууу, ќе ми се исцери, знаеш дека јас обожавам халуцинации. Гордана, тоа е дрога, вид дрога! Толку подобро, ќе ми откачи.

Всушност, на секој, одвреме навреме, му треба релаксација. Од таа релаксација можеш да добиеш модрици без никаква причина, да ти попукаат капилари и да ти се тресат рацете, да ти ослаби концентрацијата, и да не можеш да мислиш, ќе ѝ набројувам. Душо, па мене токму тоа и ми треба, со некое чудо да престанам да мислам. Премногу размислувајќи стасав дотука. И можеш да станеш премногу еуфорична од тоа, знаеш ли? Еуфорична? Јас? Прекрасно! Последен пат бев еуфорична кога на Дедо Мраз му седев во скут!

Горкото кафе е послатко

Тропам на вратата. Ми отвора Борко. Разменуваме едно кисело „здраво“. Му намигнувам. Мора да ја глумиме вообичаената нетрпеливост за да не се посомнева во нешто. „Ооо“, ми дофрлува Гога од лентата. „Кај си ти, женска, те нема сто години? Чекај, ќе одам да ставам кафе, доволно трчав. Дванаесет километри, и тоа по угорница, а, што велиш за тоа?“

Борко и јас разменуваме погледи. „Толку немам истрчано цел живот, вклучувајќи ги и часовите по физичко.“ „Еве го и кафенцетоооо“, се враќа Гога со филџаните. „За мене без шеќер“, напоменувам. „На диета сум.“ „Е, добро, јас и на двете ни ставив засладувач. Може засладувач?.“ „Да, да“, велам јас, а Борко ме удира под масата. „Всушност, ако не е проблем, јас би сакала горко кафе.“

Текст: Дуда Алапача

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.