Дуда Алапача во епизодата…Поентата на празниците

Колумна

„Владо“, му реков пред некоја вечер, „зошто мораме секоја година да правиме хаос од пречекот на Нова година?“ „Како мислиш хаос?“, се поткрена во креветот. „Па така, убаво, секојпат ми се смачува и од Нова година, и од пречек… од сè!

Ми се смачува од самата помисла на тоа што ме чека. Хаос на работа, хаос во продавниците, трчај, брзај, купувај, подготвувај се, сè во последен момент и кога ќе помине – се чувствувам ко издишан балон.

Мислам, дали мора секојпат да јадеме сарми? Не мора. А руска? Не мора ни руска.“ „Па јас не ни кажав дека мора“, се согласи мојот сопруг. „Знам дека не кажа, ти никогаш и не велиш нешто, но, ете, гласно размислувам.“ „Во ред“, рече Владо, „а што ќе јадеме тогаш? Со чипс ли ќе ја дочекаме новата година?“ „Се разбира дека нема, никогаш не си ја дочекал со чипс, но не мора секојпат да биде хаос. Ни јас веќе не сум како порано, па во еден ден да завршам сè. Треба со часови да стојам над шпоретот. Мислам, дај еднаш и јас да се одморам како човек.“

ОД КАДЕ ТОЛКАВ СТРЕС

„Јас не знам зошто толку се потресуваш“, продолжи тој. „Навистина! Не знаеш? Па, не знаеш затоа што ти не трчаш низ продавници, туку јас. Не стоиш по еден час во ред за месо, не избираш пафлак, не ги пакуваш подароците, не бараш волна од ангора за мајка ти, ни чорапи за татко ти – туку јас. Ти евентуално одиш по пијалаци и тука завршува твојата приказна.“

„Ма, јас само гласно размислувам…“ „Е, па, подобро би било да размислуваш во себе“, реков и се завртев на другата страна, навредено. „Слушни, те молам, зошто толку се потресувам…?! Ако ти ја врзам една, ќе ти биде стрес и тебе!“ „Но што ќе јадеме?“, се огласи уште еднаш за да ја прекине тишината. „Ништо. Со денови гладувам за да се доведам во ред, тебе ти најдоа холестерол, шеќерот ти е на граница – шест кома два, гледај колкав си и сега уште Нова година ти недостига да се досредиш.

Тешко мене со тебе, само на јадење мислиш… Можеме нешто да исечкаме, малку салатиче, малку краставички, па не сме ненајадени!“ „Знам, но што ќе јадеме утредента?“, ме праша како на први јануари да престанува да постои светот. „Ќе одиме кај моите на ручек, како и секоја година. А задутре кај твоите. Потоа ќе се отворат продавниците и ќе купиме нешто. Доста ми е веќе од воени резерви секоја година. Демек, тешко нам, ќе скапеме ако немаме печено прасешко месо или шпикуван бут. Мислам, навистина, Владо, стануваш опседнат со храна? Колку си постар, толку ми е потешко да те нахранам.“

УЖИВАЊЕ НА БОЦКАЛКА

„Ма, јас не ти кажувам заради мене, Дудо, туку заради кумовите.“ „Кои кумови?“ „Па, Гоца и Младен, доаѓаат кај нас!“ „Знам, и…?“ „Па нема белки да им испржиш јајца за Нова година!“ „Па, се разбира дека нема. Но не морам ни да се сотрам поради таа една вечер. Мислам, ти никако да сфатиш што ти зборувам?! Тие ни се кумови, се знаеме дваесет години, Гоца нема да ми ѕирка во тенџерињата, не доаѓаат да се најадат. Поентата на празниците не е да јадеш ко вол. Туку да уживаш. А тоа што ти не знаеш да уживаш без кисела зелка е исклучиво твој проблем!“ „А како го замислуваш ти тоа твое уживање? На боцкалки?“ Се замислив добро. Кога замислувам уживање… па, токму така е, на боцкалки. Малку суво, малку мешано мевце, маслинки, сиренце, чаша вино, свеќи, снег на прозорецот, каминче…

„Па, зар барам многу? Ајде, кажи искрено дали барам многу? Зар јас не заслужив да се одморам?“ „Заслужи, и повеќе од тоа!“, ми кажа, свесен дека овој муабет не води никаде. „Тогаш ослободи ме од готвење, те молам! И облечи панталони! За промена, немој да ги пречекаш гостите во долен дел од тренерки. И ајде, спиј, знаеш дека утре станувам рано. И исклучи го светлото, ми пречи. Дали заклучи?“ „Да.“ „И горната брава?“ „Спиј, Дудо“, промрмори и ја префрли левата нога врз мојата.

И ЈАС ДА СЕ ОДМОРАМ

ОК, помислив. Ете како може човек убаво да се договори. Само да сака. Навистина, еднаш и јас да здивнам. Да завршам со работа в петок, да си дојдам дома мирна. В сабота можам цел ден да одморам. Да гледам филмови, нешто да зготвам, да ја накитам елката со Бони, полека, на мира. Еднаш и мене Нова година да ми помине релаксирано, а не постојано да брзам. Дали купи ова… дали купи она… каде е сукалото… ми снема брашно, немам гриз, како да го похувам месото… види ме на што личам… седум часот е, а јас ни косата не сум ја измила… сите одат некаде, само ние како слепци седиме дома… или (ако отидеме некаде) зар ова го нарекуваат предјадење, како не им е срам, дадовме педесет евра за место, подобро да си останевме дома.

Секоја година истата приказна. Е, не можам веќе! Си мислам, Дудо, освести се! Гоца и Младен се добредојдени кога и да дојдат. Што имаме – тоа е. Па, празник не е сарма и печено. Празник е да сме заедно и да се сакаме. Да сме здрави. И да ни е убаво. Празник е човек да го притисне она мало копче на душата и да се ресетира, да се врати на „фабричките нагодувања“, да си ги наполни батериите и да се присети на она што е важно во животот.

Да се смее, гушка, бакнува, а не „што ќе јадеме“. Всушност, мајка ми секоја година нè угостува, најадува, ни пакува за дома, а не како неговата – да ни ги брои залаците и да гледа да си заминеме пред да почне турската серија. „Одам во продавница“, кажа Владо. „Ти треба ли нешто?“ „Не.“ „Сигурно?“ „Сто проценти. Имаме сè. И заклучи ја горната брава кога ќе излезеш, важи?“ Само што замина, заѕвони телефонот. „Ало! Мамо, како си? Што правиш? И ние исто… Па, не сега, ќе дојдеме кај тебе на ручек по празниците. Твојот ручек не се пропушта. Како мислиш не сте тука? Вие сте секогаш тука. А каде ќе одите? И тато оди? Па, што ќе правите на планина на вакво време? Па, да, никогаш не сте биле досега… Ние ништо, дома ќе бидеме, ќе ни дојдат Гоца и Младен. Е, па, добро тогаш, поздрави го тато и се слушаме.“

Е, најдоа кога да патуваат, си мислам и трчам по телефонот. „Ало, Владо, уште ли си во продавница? Купи ми килограм и пол мелено месо, една главица зелка, кори за пита, ама не од оние што ги донесе лани, за ништо не ги биваше, купи некои да можам да направам зелник. И најди некое убаво сирење, само гледај да не е солено… Како мислиш што ќе ми е?! Па, ни доаѓаат кумовите!“

Текст: Убавина и здравје

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.