Дуда Алапача во епизодата… Парична центрифуга

Колумна

Дуда би сакала да оди на море, но каде да најде пари за септемвриски аранжман? На пример, би можела домашниот буџет да го уфрли во центрифуга и од него да „исцеди“ доволно за летување

Тука нема голема мудрост“, рече Гога. „Ако навистина сакаш да одиш на одмор, ќе мора да живееш на леб и на вода наредниот месец. Веќе не е како порано. Се’ е поскапо, ако ти се пливка во море – стегни го ременот, нема друго.“

Кога Гога ќе го стегне ременот…

Воздивнав. Лесно и е нејзе да го стегне ременот, бизнисот на маж и цвета, неа ја унапредија, редовно прима бонуси, мама и тато им помагаат – за каков ремен таа најде да ми зборува? Кога Гога ќе го стегне ременот, тоа значи дека на вечери во ресторани се оди само преку викенд. Кога јас би почнала да го стегам ременот, би оделе на спиење со празни стомаци.

Тешки времиња се“, рече мајка ми. „Многу тешки. Не онака како што беше кога тато и јас бевме млади, туку некако поинаку тешки. Тогаш никој немаше многу, па на сите ни беше полесно, се снаоѓавме како умеевме и сите бевме во иста каша. Денес веќе нема средина – или имаш многу или водиш крпен живот.“

Е, да… Откако повторно ни ја намалија платата, почнав да размислувам дека би било најдобро да се откажам од личниот приход и да почнам да волонтирам, бидејќи и вака не заработувам ништо.

Приходи минус расходи

Ставив се на хартија. Приходите минус расходите еднакво на нула, во најдобар случај! Ако јас, која цел живот собирам биланси, актива и пасива, не умеам да си го поставам домаќинството на економски исплатлива основа, тогаш дебело сум ја утнала професијата. Можеби е така, кој знае? Мислев јас и на тоа. Размислував како не би било лошо да го продадеме станот и да се преселиме на село, па јадеш она што ќе посееш. Но…

„Нема леб од земјоделие“, рекоа. „Гледаш како се мачат селаните? Немој да ми кажеш дека ти, Дудо, со тие твои нежни рачиња ќе молзеш крави, чистиш дворови, садиш во бавчата.“ Па што, кога можат шмизлине во реалните шоуа, можам и јас.

„Да“, ми рече Владо, „но тие шмизли еднаш ќе ја измолзат кравата и ќе заработат неколку стотици евра, а кој ќе ни плати нам што цел ден ќе се занимаваме со стоката?“

„Хм, стока ваму, стока таму, нема некоја голема разлика. Дури мислам дека со рогатата подобро би се снашла“, си помислив.

Појадок на сон

Морам нешто да смислам. Вака веќе не оди. Станувам во шест, излегувам од дома во седум, ми треба еден час да стигнам до работа, работам осум часа минимум, на враќање ми треба повеќе време, бидејќи има поголем метеж, уште ако застанам на пазар – дома сум во шест попладне. Всушност приквечер.

Во секој случај не ручаме. Преку недела само вечераме. И тоа се нешто набрзина, дај што даваш, па да бегаме во кревет. Бони е единствениот член на ова семејство што има три оброци дневно. И за поголем срам, не благодарение на мајка си или на баба си, туку на таму некоја готвачка во градинка. Хронично сум ненаспана.

Додека да го средам кршот по дома, да ги соберам алиштата, измијам чиниите, соберам играчките и подготвам што кој ќе облече утре – ете ти ја полноќта. И како да бидам нормална која појадувам во шест приквечер, работам десет часа дневно, поминувам два и пол часа во градски превоз и спијам едвај шест часа дневно?!

„Не знам“, рече Гога, „мислам дека проблемот е во организацијата.“ „Што предлагаш“, ја прашав. „Евентуално да појадувам на сон, а недостигот на сон да го надоместам во превозот или на работното место?“ „Само ти исмејувај ме“, повтори Гога, „но дефинитивно имаш проблем, бидејќи не умееш да си ги организираш денот и парите.“

Пола цена

ОК, одговорот е рационално штедење. Дали ми е неопходно сето она што го купувам? Влегувам во продавница и само купувам. Празнам картички, паричници, џебови… Во сите можни минуси и кредити сум, а по два месеца го фрлам сето она што не сме го изеле, облекле, потрошиле. Душата ме боли, обично помислувам на милионите гладни во светот, се прекорувам себеси, но веќе утредента – се’ Јово наново.

Се обидов да купувам „по список“, да калкулирам колку ни е од нешто потребно во текот на денот, неделата, месецот, но никако не оди. Плакарите и понатаму ни се преполни!

Купувам и што ми треба, и што не ми треба. Кога ќе стигнам на касата, обично претрпувам шок, зар е можно касиерката повторно да згрешила, па сметката ја студирам по патот до дома… И не сум ни првата, ни последната што згрешила во пресметката.

Јас околу секој први во месецот убаво си се договарам сама со себеси како и што ќе купам. Прво ги плаќам сметките, бидејќи тие не можат да чекаат, па потоа преминувам на другото. И таман кога ќе помислам дека сме на добар пат да заштедам нешто овој месец – цврц!

Поскапува струјата, се расипува машината за алишта или ќе пристигне тринаесеттата рата за кредит, некаков имагинарен трошок за кој не ни знаевме дека постои и нон-стоп така. Но не!

Од утре Дуда дефинитивно врти нов лист. И од најмала плата човек може да заштеди само ако се потруди. И онака вон сезона се е на попуст. 

Борба против сиромаштија

Речено – сторено. Утредента навистина тргнав во борба против сиромаштија. Не купив цело пиле. Секогаш купувам цело, а половина фрлам. Бони ќе изглода крилце или некое мало делче, Владо копан, јас чепкам од белото мевце, а остатокот останува, се суши, никој не го јаде, па на крај го фрлам. Е сега купив три копани, за еден ручек сосема доволно. Сварив зеленчук, направив салата, супа, се’. Седнавме на маса да ручаме.

„Сакам клииило“, се побуни Бони. „Ова пиле нема крилце“, измислувам. Владо молчи и глода копан и боцка со виљушката од грашокот.

Нешто не му е таман, гледам јас, но нема каде. „Утре ќе одиме во супермаркет. Ќе пазарам за цел месец, па ако некој има посебни желби, нека си каже навреме“, велам јас. „Јас сакам месо со клилца“, се изјасни Бони.

„Владо, пиши“, велам јас и му тутнувам лист и пенкало во рака. „Пиши, Бони – крилца.“  „Мислам, јасно ми е дека си решила нештата да ги земеш во свои раце, но нема белки повторно да правиме воени резерви, па не е толкава криза? Што ќе ни е вреќа од 50 кг брашно? А што ти значи ова – боранија три килограми, морков два килограми…“

„Владо, тоа значи дека рестрикциите се направени плански. Ако веќе мора да штедиме на храна, тогаш барем да се храниме здраво. Решив да убијам две муви со еден удар. Не само што ќе трошиме помалку за храна туку и ќе се храниме поздраво. Повеќе нема пици во десет навечер, кога ќе ти се ќефне. Од утре има да живееме здраво“, реков, а маж ми се намурти, како да ќе мора секое утро да пие две лажици рибино масло.

На море пред Нова година

Една недела некако истуркавме. Бони наместо готови добиваше цедени сокчиња. Морков некако и успеав да и подметнам, но цвекло – никако. Владо многу не се бунтуваше, но порано си легнуваше. Јас ги студирав сите можни форуми во потрага на здрави рецепти од типот – блитва на сто начини. Мама ни нудеше тенџериња со готово јадење, но јас категорично ја одбивав, но Владо (нула од човек!) беше во состојба да клекне на колена и да ја моли за две полнети пиперки.

По десетдневна рестрикција подвлеков линија и пресметав дека заштедивме за еднодневен полупансион по лице.

„Ау“, рече Владо, „само продолжи вака. Со ова темпо – ете не на море пред Нова година.“ „Ти баш умееш да мотивираш“, си помислив. „Поради таквиот став – утре ќе добиеш шницли од соја.“ „Генетички модифицирани или…?“, праша и демонстративно ја напушти трпезаријата.

Палачинки – гратис!

„Не можам повеќе”, и признав на Гага петнаесеттиот ден, јавувајќи и се од бањата, кришум.

„Мислев дека ќе можам да му објавам војна на потрошувачкото општество, да ја мијам косата со шампон од коприва, да правам пилинг со пченкарно брашно, но НЕ МОЖАМ! Би сакала да сум од оние што живеат со две шишиња вода во фрижидер, но не сум. Се мачам и себеси и другите?“

„Дудо, скрати, ми треба телефонот“, ми дофрли Владо. „Локална или меѓуградска“, прашав.

„Локална“, ми одговори и се затвори во собата. „Ало? Може да порачам пица? Една семејна, со дупла моцарела и со кулен“. Срцето ми заигра додека го слушав. Маж ми е сила од човек! Не можев да издржам и ја отворив вратата. „Владо, прашај ако порачаме две дали добиваме палачинки гратис…?“

Текст: Убавина и здравје

Фото: Getty Images, Unsplash

 

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.