ДУДА АЛАПАЧА ВО ЕПИЗОДАТА… OMG, пубертет!

Ако ќерката тинејџерка секој ден ни го загорчува животот, наместо да им се радуваме на претстојните празници, годината ја завршуваме прашувајќи се каде згрешивме. А единствена помош ни е да ѝ се пожалиме на најдобрата другарка!

Кога точно поминува пубертетот?“, праша Гога и се сруши на каучот. „Не знам, мила“, одговорив, подавајќи ѝ шолја со кафе. „Не можам“, рече. „Кафе?“ „Не, туку не можам веќе да се борам со неа… Со нејзините мушички, каприци, промени на расположението… Купив и книга, знаеш, еден прирачник за родители. Пишува, разговарајте со нив, поддржувајте ги, бла, бла, бла… Зошто некој не седне и не напише што навистина нè чека во пубертет… Да знаеме на што сме!“ „Па, на што сме?“, прашав. „Ти сè уште не си на ништо“, рече Гога и сркна кафе. „Тебе најголем проблем ти е ако детето ти донесе тројка по биологија или маче од улица. Мојана ми носи некакви мутанти со обетки во носот и со продупчени аркади. Уживај додека можеш“, рече и се издиша.

Допрва ќе боли

„Не знаеш како ми е мене. Еден ден имаш нормално, здраво, вистинско дете, а веќе следниот се претвора во суштество од хорор-филм. Кога ги слушам младиве мајки како се присетуваат на породувањето и велат – болеше… Ах, сонце мое, ништо не е тоа, допрва ќе те боли. Чекај само да порасне, ќе те боли и срцето, и душата, и главата. Мене нејзиниот пубертет ме ампутира. Половина ме нема. Во споредба со ова, оние седум конци од породувањето се чисто скокоткање. Жими мајка. Се сеќавам кога ми ја донесоа во креветот и ми кажаа: ‘Честито, добивте девојче!’ Што ми честитате? Требаше да ми раскажат сè, добро да ме подготват. Да ми кажеа: ‘Мајко, честито – за некои 12-13 години животот ќе ти се сврти наопаку.’ Зошто не ти го кажуваат тоа, туку те учат како правилно се повива бебето?“

Кога ќе полудат хормоните…

Зошто не ти кажуваат дека ќе порасне прекуноќ. Дека ќе се издолжи. Здебели. Ќе дојде ден кога ќе ја тргаш храната од пред неа, како и кога ќе ја молиш да изеде чинија бистра супа. Хормоните ќе полудат, и тоа во секоја смисла. Нејзината кожа ќе добие сосема поинаков мирис. Исто така и нејзината соба. Столчето на кое до вчера учеше ќе се претвори во место за оставање на облеката. И тоа на многу облека! Додека се преврти од товарот. Во нејзината соба ќе наоѓаш различни предмети. Целофан од цигари (се разбира, не се нејзини!), празни кесички чипс (чипс јаде, а супа нејќе!), празни кесички нес-кафе и оние смрдени нудли со вкус и мирис на валкани чорапи (што ли гледаат во нив?!). Ќе ја користи твојата шминка без прашање, ќе ги облекува твоите парчиња без дозвола, своите џемпери ќе ги гледаш и на нејзините другарки, ќе ги бричи нозете со твојот жилет, а во тоалетот ќе остава гадости што не смеам ни да ги спомнам. Ќе се бања во просек трипати на ден, но никогаш, ама баш никогаш нема да ја стави мократа крпа да се суши. Нејзините работи ќе ги наоѓаш насекаде и бадијала ќе се трудиш да ги одржуваш во нормална состојба. Нема да има осет за ред и без проблем ќе ги прескокнува сите 17 пара патики во ходникот. Ќе заборава да го фрли ѓубрето, нема да ги собира ронките зад себе, тефлонската тава ќе ти ја изгребе со виљушка, ќе бега од часови. Ќе црвенееш на родителските состаноци, ќе те гледа бледо додека зборуваш за значењето на образованието. Ќе ти се обраќа исклучиво кога ќе ѝ затреба нешто, најчесто пари. Или нова чанта, билети за кино, маскара, патики…

Ќе вреска нонстоп

Ќе ти ја загуби омилената алка, онаа што ја доби за дипломирање, колнејќи се дека не ја пипнала и дека, се разбира, нема поим за што зборуваш. Еден миг ќе биде најпопуларна меѓу врсниците, а веќе следниот ќе лежи во темница, склопчена, убедена дека никој не ја сака, особено ТИ. Бидејќи, да ја сакаше, немаше да ја родиш толку висока, ниска, слаба, дебела, нослеста, со мозолчиња… Ќе вреска на секој твој збор, поглед, особено допир. Ќе стане алергична на секакви бакнежи, прегратки, особено во јавност. На улица ќе се преправа дека не те познава, а навечер ќе ти се вовлече во креветот и ќе бара да ја галиш додека заспие. За 5 минути ќе научи да вози автомобил, но никогаш нема да сфати како се вклучува машина за алишта, правосмукалка. Години ќе поминат пред да ти каже ‘мамо, остави, јас ќе завршам’. Ќе се потруди да ти расипе многу убави мигови во животот. Родендени и годишнини. Ќе ја фаќа хистерија за секаква дреболија. Ќе се прашуваш дали е нормална.

Едно обично ‘добро утро’ може да ја изнервира да се расплаче на цел глас. Намерно ќе останува подоцна надвор само за да ти докаже дека може. Ќе го исклучи телефонот токму во време кога ќе се договорите да ѝ се јавиш. Ќе лаже дека спие кај другарка, ти ќе знаеш дека лаже, но ќе молчиш и ќе му се молиш на Господ изутрина да се појави на вратата здрава и жива. Ќе биде во состојба од тебе да направи најсреќен човек на светот. И најнесреќен. И тоа во растојание од неколку минути. Нејзиното растење ќе потсетува на возење на луда железница. Ќе бидеш горда. Ќе се срамиш. Ќе се прашуваш на кого личи. Ќе се прашуваш да не ја замениле во породилиштето, можеби… На дневно ниво ќе доживуваш нервни сломови. Особено наутро. И навечер. Особено пред излегување. Ќе оплакува сè што може да се оплаче. Почеток на учебната година. Крај на учебната година. Матура. Бившо момче. Идно момче. Кое било момче. Ретко ќе разговара со тебе, а и кога ќе ти каже нешто, ќе слушаш само скратеници што ништо не ти значат. Ќе пребаруваш што значи OMG. Ќе фрла дрва и камења на тебе бидејќи си објавила нејзина фотографија на Фејсбук  и ќе те блокира поради тоа. По пет минути, повторно ќе ти испрати барање за пријателство. Ако прифатиш, не смееш да лајкнуваш, коментираш, означуваш. Доколку прекршиш нешто од наведеното, повторно блок. Имаш право да молчиш. Во спротивно, сè што ќе изговориш може да биде искористено против тебе.

… а тебе ќе те одведе до психијатар

Не знаев дека на 42-годишна возраст ќе седам на кауч кај психијатар и ќе се прашувам каде згрешив. Дали знаеш дека дадов 50 евра за сеанса кај психијатар, кој ми кажа на крајот дека сето тоа е нормално?“ „Па, не е нормално“, реков. „Па, знам дека не е. Толку пари за еден час…“ „Не мислам на тоа“, ја прекинав. „Не е нормално тоа што кај мене имаш удобен кауч, те слушам веќе два и пол часа, ти сварив и кафе, седам спроти тебе и кимам со главата, а ти одиш таму кај некојаси… Кој ти е цел живот другарка? Кој те познава најдобро? Мислам, Гордана, и јас ќе те избришам од Фејсбук ако продолжиш вака. Педесет евра за еден час. OMG!“

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.