Дуда Алапача во епизодата… Мајката (не) треба да се слуша

Колумна

Фото: Getty Images

Секоја мајка е посебно суштество затоа што за своето дете и за светот што го опкружува го знае дури и она што не го знае самото дете, секогаш е чекор понапред и, иако во старт токму тоа ни пречи, на крај му се заблагодаруваме на Бога што таа жена со изострени сетила и со натпросечни способности ни е токму нам доделена да нè води низ животот.

Пред некој ден, бев кај мама. Замесивме некој колач, кога, ете ти ја, скокна:

Леле, немам прашок за печиво!“

„Зар е можно ти да немаш нешто?“

Мама е од оние луѓе што секогаш купуваат на килограми. Прашокот за печиво не се расипува лесно, ако, нека се најде…

Ќе скокнеш до дуќанот?“, ме праша, иако виде дека веќе почнав да се обувам. „И земи чадор“, ме предупреди. „Аман, мамо, па зар ќе заврне дожд за време на петте минути колку што ми треба да отидам до дуќанот и да се вратам?!“ „Ако, не ме слушај мене, па ќе видиш кога ќе заврне и ќе покиснеш!“ „Да не стана метеоролог?“, ја прашав. „Од сабајлево ме врти левото колено, тоа значи дека ќе заврне.“

И така беше…се вратив по пет минути накисната ко глушец.

Јас убаво ти кажав“, рече.

Непогрешливи сензори…

Ете, иако газам убави години и одамна сум голема девојка, едно правило сè уште важи – мама треба да се слуша! И навистина е така, мојата ниту еднаш нема згрешено. Од оној ден кога во прво одделение ми кажа да не се дружам многу со малата Ивона, затоа што е префригана, до моментот кога за Владо искоментира дека е добро дете и дека ќе биде добро ако еден ден се омажам за него, па сè до неодамна – ќе врне и заврна!

Се разбира дека Ивона ме шутна штом се појави нова другарка, поинтересна од мене.

Се разбира дека сум ѝ благодарна што имаше сензори да ги препознае квалитетите на идниот зет дури и тогаш кога бев подготвена да го откачам за оној „wannabe“ гитаристот од Средно музичко. И се разбира дека ми беше тешко да ѝ признам дека била во право. Но таа и без тоа знаеше дека е во право, затоа што мајките се секогаш во право и така. Така било пред сто години, така било од моментот кога сме застанале на две нозе тамо во некоја пештера…

Мајките се во право. Амин. Не знам на што се должи таа непогрешлива интуиција, но – како што стареам, сè повеќе верувам дека тоа со мајките не е чиста работа и дека сите тие имаат некакви натприродни моќи со кои ги надарила вселената.

… и натприродни моќи

Инаку, од сите митски суштества, вклучувајќи ги и шумските самовили и еднорозите, најмногу ги сакам мајките. Освен што можат да ги преживеат најголемите природни катастрофи, како што се шарлах, желудочен вирус и магарешка кашлица на своите малечки, мајките имаат низа други натприродни моќи. На пример, способност да ја предвидат иднината…

Затоа што, ако ти каже мама: „не трчај, ќе паднеш!“, паѓаш во рок од две секунди, па макар имал и четири нозе. А да не спомнувам што значи излегување со тазе измиена коса и без поткошула… или седење на цемент. Ти нема спас! Слободно можеш да почнеш да пиеш лекови.

Но да се вратам на она кога мајката знае кој е или кој не е добар за нас. Едноставно, тоа е така. Како да им се пали ламбичка за аларм кога ќе видат дека сме се фатиле со лошо друштво. Но проблемот со тие ламбички е во тоа што, колку почесто се пали кај мајките, толку повеќе се јавува потребата кај децата да им се спротивстават. Оттаму и големиот број разведени и раскинати, кои по една година се враќаат кај мама, со два куфера и со две деца, за да признаат дека била во право.

Бидејќи мама знае, и тоа што ќе го каже обично бидува. Ако седиш во влез на ладен бетон, ќе се разболиш, ако држиш диета, ќе ти се слоши, ако избегаш од школо за да избегнеш тестирање, тоа ќе биде одложено за другпат, ако шеташ низ дома со кришка еурокрем, наместо да седнеш на маса и да јадеш како сиот нормален свет, 100% ќе ти падне, и, се разбира, секогаш од намачканата страна. Во оној миг кога ќе одлучиш да ги измиеш прозорците – ќе заврне дожд.

Она што ќе го исфрлиш од дома за време на чистење, дефинитивно ќе ти затреба за една недела. И се разбира, сè што може да тргне наопаку – ќе тргне наопаку. Затоа што мајките умеат да ја препознаат извесноста од лош исход, па дури кога не постои ниту еден факт за тоа дека работите можат да тргнат на лошо.

Инаку, мајките се неверојатно силни суштества. Ретко кога ќе ги видите болни. Бидејќи, мајките, по правило, се разболуваат дури кога преостанатите дома ќе оздрават. Па дури ни тогаш симптомите не се исти. Бидејќи уште една натприродна моќ на мајките е да ги прележуваат болестите стоејќи, односно „на нога“.

Фото: Guliver/Getty Images

Ако направиме список од натприродните моќи, приготвувањето храна според начелото „од ништо“ секако спаѓа во топ 10 листата. Колку пати имам дојдено кај мама, ненајавена, и дури чекаме да зоврие водата за кафе, ете ти ја неа со чинија колачи.

Па кога ги направи?“, ја прашувам. „Па, ете сега, набрзина!“

А кога ќе ја прашам за рецептот, вели:

Филџан масло, филџан шеќер…“.

Секој мој обид тие филџаните да ги преведеме во грамови е осуден на пропаст. Како и секој обид да направам нешто слично сама дома. Изгледа дека мајките имаат некоја тајна состојка која љубоморно ја чуваат. Или филџаните едноставно не ни се исти.

Сто невидливи раце

Дека натприродните сили не се празноверие докажува сликата на индиската божица Шива, на која е прикажана со шест или со осум раце. Иако тие рацете обично не ги гледаме, мајките дефинитивно ги поседуваат. Бидејќи како поинаку да го објасниме фактот дека просечна мајка може да држи дете, да меша супа, да разговара на фиксен или да пишува пораки на мобилен – истовремено?

Или да ги стави сите три деца во автомобилот, па да отиде на пазар, па во пошта за да ги плати сметките, па да поразговара минимум со две сосетки што ќе ги сретне по пат додека кесите ѝ ги сечат прстите, а децата се бесат по неа како лијани, па да се врати дома со ист број на деца, а притоа да не заборавила да купи тоалетна хартија, аспирин, средство за одзатнување мијалници и батерии за далечинскиот управувач?

Рака на срце, кога просечен маж би го испратиле да го направи истото, можам да се заколнам дека во дуќанот би заборавил минимум едно од трите деца, плус кусурот на каса, па во поштата би го оставил паричникот или кредитната картица, преостанатите две деца би ги избањал со средство за миење садови, а на баба, наместо аспирин, би ѝ купил лек за простата на база на семки од тиква.

Проблемот со далечинскиот би го решил преземајќи батерии од апаратот за нескафе. Мајките, исто така, знаат дали нешто нè боли и колку нè боли. Температурата ја мерат ставајќи ти ја дланката на чело, а на изјавите од типот:

Мамо, ме боли тука кога ќе се допрам“, одговараат со: „Па не го допирај тогаш!“.

Од друга страна, во состојба се буквално телепатски да почувствуваат кога нешто не е во ред. Се разбира, имаат и натприродна биоенергија, па кога ќе ти ја стават раката на болното место, веднаш почнува помалку да те боли, а раните ги лекуваат, се разбира, со прегратки, бакнежи и допири. Се разбира, мајките се експерти за пронаоѓање исчезнати предмети, со посебен акцент на белите маици за физичко и темперните бои за ликовно.

Ете, затоа мајките треба да се слушаат, и точка!

Каде одиш во старките?“, ја прашувам Бони додека со брзина на светлината се обидува да ми кидне од пред зградата. „Мамо, па зар не гледаш дека има сонцееее?!“, се бунтува.

По половина час, се враќа со мокри нозе. Го чека мојот „нели ти реков“ монолог. Нема, не мора баш секогаш да бидам најпаметна. Полека, ќе научи, има време. И точка.

Текст: Дуда Алапача

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.