Дуда Алапача во епизодата… Дај ни сонце!

Колумна

Што се случува кога ќе влеземе во маѓепсаниот круг на борбата со килограми во општество „нафурано“ на конфекциски број 36 и кога, само заради совршениот изглед, се обидуваме да живееме како сиот модерен свет – од воздух?

„Ја знаеш тетка ти Маре?“, ме праша мама пред неколку дена. „Ја знам, па што?“ „Знаеш, таа има ќерка на твои години, Дина“, вели мама, а јас кимам со главата обидувајќи се да се сетам и на двете. „Како не ти текнува, па Дина одеше во исто училиште со тебе? Мала, ниска, русокоса, цел живот беше дебелка“.

„Ааааа, Динаааа“, ми текнува и пред очите почнуваат да ми се редат сликите од минатото. Дина, мало дебело девојче, со румени образи и со икс-нозе, во црвен плетен џемпер. Дина, девојчето што секогаш седеше на клупа на часовите по физичко, кое никогаш не си играше ластик ниту миженка со нас, кое јадеше сендвичи со похувано пилешко од дома, кое на голем одмор трчаше дома да смафта уште две-три полнети пиперки.

Се сеќавам на еден роденден на кој изеде цел овал сендвичи со варени јајца и со краставички додека ние седевме на килимот и игравме монопол. „Добро, и што е со неа“, прашувам.

БРЕТАРИЈАНЦИ И САНГЕЈЗЕРИ

„Ене ја во болница“, ми вели мама. „Што, господе, па што ѝ се случило?“ „Престанала да јаде. Вчера ја сретнав мајка ѝ, жената кукаше на цел глас. Вели, сите мислеле дека е на некоја ѓаволска диета. Имала некое момче преку Фејсбук, па и тоа ја оставило кога ја видело во живо, потоа никако не можела да си најде партнер една година… Ајде да била на диета, ама таа целосно престанала да јаде. Прочитала на Интернет дека во Индија има луѓе што ништо не јадат и не пијат, а живеат по сто години, па одлучила и таа да проба. И ете до каде стигнала. Прво шок-соба, одвај ја спасиле, па сега е на интензивна и којзнае кога ќе ја пуштат. И знаеш што е најлошо? И таму одбива да јаде и да пие, ја издупиле од сите страни, живее на инфузии. Вели, штом ќе излезам од болница, ќе отидам во Индија.“

„Па добро, ако одлучила да биде бретаријанец…“, велам јас. „Ако одлучила да биде ШТО?“

„Бретаријанец, мамо, тие живеат од воздух.“ Мама ме погледна. „Имаш сангејзери, тие живеат од гледање во сонце, и бретаријанци, кои само дишат. Но за тоа е потребен посебен ментален склоп. „Значи, само дишат? Па, да знаев дека може да се живее само од воздух, тогаш немаше да бидам луда и да одам на пазар сиве овие години, да тегнам кеси и кеси со зеленчук, овошје, немаше да варам онолкави супи и манџи, немаше да трчам по домашно сирење и јајца… Требаше да го нагодам менталниот склоп на сите четири во вис, а тебе и татко ти да ве засадам на балконот, па гледајте во сонце и дишете колку што ви е волја. Па, кој живее само од воздух? Кој воопшто верува во тоа?“

ЈАДЕШ, ЗНАЧИ, (НЕ)ПОСТОИШ

Па веруваат, си мислам. Веруваат, мамо. Ете, Дина верува затоа што цел живот беше дебела, верува затоа што никој не си играше со неа, само ја задеваа и ја исмејуваа, а мајка ѝ правеше сè да ја усреќи, затоа што Дина беше среќна само кога е на кујнската маса. Затоа што откако знае за себе, празнината што ја носи во себе ја пополнувала со крофни, пити, полнети пиперки, мармалад, еурокрем… „Ти растеш и мора да јадеш“, велеше мајка ѝ. „Јади, дете, ќе ослабиш штом ќе влезеш во пубертет, кога ќе се извишиш.“

Но пубертетот дојде и пројде, а Дина не се извиши. „Јади, дете мое, па мажите не сакаат слаби женски“, велеше мајка ѝ принесувајќи ѝ уште една чинија под носот. И така Дина стануваше сè потажна и поочајна со секоја тегла џем начната во ноќта. Затоа што никој не ја гледаше Дина. Ги гледаа дебелите раце поради кои секогаш носеше долги ракави. Ја гледаа Дина која матурскиот фустан го избираше во одделот за трудници. Дина што никој не ја кани на кино, ниту на кафе, ниту на прошетка. Затоа што Дина не сака да шета. Брзо се заморува. И постојано јаде.

МАЃЕПСАН КРУГ

И така годините си минуваа. Дина наполни 20, 30, па 40. Се случувало да симне 5 кг, па да качи 10 кг, да симне 10 кг, па да врати 15 кг. Со текот на времето ја загуби и онаа малку самодоверба што ја имаше. Почна да не излегува од дома. Седеше во својата соба, криејќи ги хартичињата од изедените чоколатца зад креветот и задушувајќи се во маѓепсаниот круг. Повеќе не знаеше дали јаде затоа што е несреќна или е несреќна затоа што јаде. „Не грижи се, некој ќе се појави“, ѝ велеше мајка ѝ. „Тој што те сака, ќе те сака токму таква каква што си.“

Но Дина знаеше дека нема. Бидејќи не ја сакаше. Никој. Никогаш. Не во овој свет, „нафуран“ на конфекциски број 36. Не во светот што ја врти главата од сè што не е совршено. Дина не одлучи да ослаби така што ќе живее од воздух. Каква Индија, каков воздух, Дина, мамо, одлучила да исчезне. Едноставно да исчезне. Ја замислив како лежи во болничкиот кревет, како сестрите ја вртат и ја пресоблекуваат, погледнувајќи се притоа, и како им ги турка во рацете бананите и наполитанките што се трупаат на нејзината масичка покрај креветот.

Ја замислив и ми падна многу тешко. Каков свет станавме? Каде одиме и зар веќе никој не гледа подалеку и подлабоко? Што ќе правиме кога еден ден сите ќе станеме совршени, изоперирани, напумпани, мазни, исфотошопирани, кога ќе почнеме да личиме едни на други така што ни родените мајки да не можат да нè препознаат – и каде ќе одиме тогаш, толку убави и совршени, и во кого ќе го вперуваме прстот? „Каде одиш?“, ме праша мама спуштајќи го тенџерето на масата.

„Никаде, одам на балконот.“ „Да, да, не јади ти само, па ќе видиш кога ќе завршиш како Дина во болница… За кого го приготвував јас овој грашок? Знаеш дека тато не го сака, повторно ќе мора сама да го јадам една недела…“ „Мамо, ќе јадам грашок, но остави ме малку. Ми треба сонце. И воздух.“

Текст: Убавина и здравје

Прочитајте и

Убавина и Здравје користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Ќе претпоставиме дека сте во ред со ова, но можете да се откажете ако сакате. Прифати Дознај повеќе