Дуда Алапача во епизодата – А ние имаме доказ дека сме живи!

Колумна

Кога ќе ни се разниша вербата во луѓето и кога по стоти пат ќе се прашаме дали е вистина дека доброто со добро се враќа, животот ќе нè потсети дека парите не можат да го купат најважното – љубовта, се разбира!

Гога ме однесе кај нејзината далечна тетка од Канада, која се оперирала, па, ете, да ја посетиме. Патем, и да ја праша дали ќе ѝ позајми неколку стотици евра доколку ќерка ѝ не влезе во државна квота. Добро, ај да ѝ се најдам, тргнав со неа. Додека патуваме докај неа, Гога ми раскажа како тетка ѝ цел живот работела во Канада, во некој старски дом, им помогнала на илјадници стари лица, слушајќи ги нивните приказни, пресоблекувајќи ги, бањајќи ги, хранејќи ги, и тоа во миговите кога никој друг не сакал да им помогне.

Ја засакале луѓето, бидејќи знаела како да им се вовлече под кожа, а еден дедо ѝ оставил и големо наследство. И така, на тетката ѝ паднала секирата во мед, набргу се пензионирала, се вратила во татковината и купила нов стан од стотина квадрати. „А што оперира?“, прашав. „Лицето.“ „Пу, пу, пу… да не е некој рак?“ „Каков рак, Дудо, направи лифтинг и не сака да се дознае за тоа.“

Сè бело и ново

Тетката нè пречека на вратата. „Собујте се“, кажа. „Нов паркет, свежо исшмирглан, па да не изгребеме.“ Гога ги преврте очите и ми даде знак да се собуеме. Мене ми беше непријатно, носев кинески еспадрили, а се знае што се прави кога ќе ги собуеш – одиш право или во када или на балкон за да се проветриш добро. Ама што да правам, немав каде и се собув.

„Седнете во ливингрум“, рече тетката и нè одведе до најголемата дневна соба што ја имам видено. Бел килим, бела аголна гарнитура, бела маса, сè бело и ново. Патем, фрлив поглед на кујната, исто така бела, со бели подни плочки. Тетката ни донесе кафе (нешто црно, за промена!) во беспрекорно бели филџани. Дискретно ја напипав етикетата на долна страна на тацната – значи, и сервисот е нов. „Земете овошје“, рече тетката и покажа на чинијата полна со некаквиси егзотични плодови, кои ретко ги среќавам дури и во најснабдените бакалници.

Дискретно одмавнав со главата. Кога би знаела што е и како се јаде, можеби и би земала, вака… „Па како си ми, тето?“, праша Гога. „Како живееш?“ „Па, како да ти кажам, Драганче мое, не баш најдобро. Ме стигнаа годините, еден ден ме боли ова, друг она, не сум веќе истата… Да не ми го оставеше Џонатан она малку што го имаше заштедено, немаше да знам што да правам. Овде сè е некако скапо, не е како во Торонто, овде ќе сменам 100 долари и за миг ќе ги снема. Деца, јас не знам како вие во оваа земја составувате крај со крај“, рече и воздивна. Гога и јас се погледнавме соучеснички.

„Туку, тето, сакав да те замолам нешто “, рече Гога. „Е, дете мое, знам што ќе ме замолиш и веднаш да ти кажам дека немам. Дали знаеш колку ме чинеше овој стан? А уште го немам опремено целосно. Би ти помогнала тета тебе, ама навистина немам…“

… И сè стерилно

„Добро, нема врска, тето, ајде да смениме тема“, рече Гога и подголтна. Откако се согласивме дека деновиве е неподносливо топло и спарно и дека лубениците никако да поевтинат, а доматите веќе го немаат оној добар стар вкус, тетката љубезно нè испрати до вратата. „Да даде господ да се исушиш“, кажа Гога во лифтот и подголтна.

„Нема… Таа нема… Нејзиниот тоалет вреди повеќе од сиот мој подвижен и неподвижен имот и има образ да ми каже дека нема. Нека нема, ќе ѝ затребам јас кога ќе нема кој ни чаша вода да ѝ подаде. Акреп еден! Не барав да ми даде, туку да ми позајми. Се исплаши дека нема да ѝ ги вратам… Требаше да ја прашам со чии пари замина во Торонто.

Мајка ми ѝ даде, криејќи од сите. На некој начин ѝ го спаси животот. Тука сакаа да ја омажат за некој Митре, вдовец со три деца. Па, пак биди добар… Ма, само нека ми каже некој дека добрината се враќа. Дали виде како ја испеглале, не може устата да ја отвори, целата е вкочанета, само трепка…“.

„А и станот не е нешто посебно“, додадов јас. „Мислам, супер е сето тоа, скап мебел, но јас за никои пари на светов не би живеела во него. Сè е бело и стерилно, нема ниту една слика, фотографија… ништо! „Тоа не е куќа, тоа е музеј на восочни фигури“, рече Гога. „А и таа, ене ја, целата е восочна, мислам дека би се истопила кога би излегла надвор. Сега ќе ѝ се јавам на мајка ми за да ѝ кажам дека сестра ѝ ја поздрави и дека ме избрка како последна… А вчера ми вели: ‘Ќерко, доброто со добро се враќа’… Ете како се враќа…“, рече Гога и за малку не се расплака.

А ние имаме доказ дека сме живи

„Немој така, Драганче, се враќа, секогаш се враќа. Можеби не веднаш, можеби не сега, но некако се наместува и си доаѓа на свое… и доброто и она другото. Ти си добар човек и ти претстојат добри работи. А веќе и стигнаа кај тебе. Здрава си, имаш добар маж, добро дете, стан, работа… Признавам, не е секогаш како што треба и не можеме да се споредуваме со стандардите на тетка ти, ама знаеш што – драго ми е што е така.

Тетка ти има само адреса на живеење, а ние имаме вистински дом. Во нашите куќи не се собуваш, кај нас мириса на јадење, на колачи, на омекнувач, на цвеќе, на…“ „Валкани чорапи“, додаде Гога. „Па, добро, и на валкани чорапи“, се согласив. „Но нашите куќи се доказ дека сме живи. И фотографиите што ги редиш во витрината исто така.

Садовите во мијалникот се доказ дека сме јаделе, и тоа во друштво. Кревет, голем, со многу перници, распарена постелнина, куп книги, списанија, свеќи до половина изгорени, чаши што ги чуваме за гости, прав околу телевизорот, пајажини по ќошиња – и тоа е животот, сонце мое. А не тиквичките што ни ги понуди.“ Гога се насмеа од срце. „Лудачке, тоа не се тиквички, туку кивано.“ „Кивано? Имаш пробано?“, прашав. „Не“, одговори Гога. „И јас исто така, па еве сум, жива и здрава. И немој да се лутиш, тетка ти едноставно е таква. Таа и не мисли дека те навреди што те одби.“

„Да даде господ да ѝ затребаат тие петстотини евра“, процеди Гога низ заби. „Пст, немој, не е убаво, ќе те слушне…“ „Таа?! Па се оддалечивме еден километар…“ „Не таа, ќе те слушне оној горе“, кажав и покажав кон небото. „Еве, ветувам, нема веќе да мислам лошо за неа. Всушност, воопшто нема да мислам на неа. Ни на мама нема да ѝ кажам дека бевме кај неа. Ќе се снајдам некако“. „Се разбира“, кажав. „Секогаш се снаоѓам, Дудо…“, кажа Гога и застана. „Мора да ти кажам нешто, но да не ми се налутиш.“

Се претворив во уво. „Да си ми жива и здрава, Дудичке, ама, те молам, фрли ги еспадрилите и немој веќе да го носиш.“ „Зошто, баш се убави…“ „Да, убави се, ама кога ги собу, си помислив дека ќе го изгориш килимот.“ Прво јас почнав да се смеам гласно, а потоа и Гога. Се смеевме од срце, како порано, кога се враќавме од училиште дома. „Чекај“, рече Гога, „ми ѕвони мобилниот. Ќерка ми“, кажа и ми покажа да молчам.

„Кажи, среќичке моја… какви вести? Кажувај брзо! Добро, еве… драгичка! Драго дете, кажувај веќе еднаш!“ „Што е, што е“, скокав околу неа љубопитно. Гога се насмевна онака како што се смееме кога имаме убави вести. „Кажи драгичка!“ „Драгичка!“ „Детето влезе во државната квота.“ „Во државната квота?“ „Да“, одговори Гога и се издиша, а очите ѝ се наполнија со солзи. „Чекај, те молам, малку да приседнам и да си дојдам при себе“, кажа Гога и седна на клупата.

Седнав покрај неа. „Ете“, реков. „Што, ете?“, праша Гога. „Па, ете, нели ти кажав дека ќе се реши сè…“

Текст: Убавина и здравје

Прочитајте и

Убавина и Здравје користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Ќе претпоставиме дека сте во ред со ова, но можете да се откажете ако сакате. Прифати Дознај повеќе