Дали осаменоста може да нè уништи? И зошто е тешко да се најде вистинскиот?

Ако Свети Валентин е празник што им припаѓа на вљубените, јас не гледам нешто лошо во тоа, но доколку на тој ден барем една жена се чувствува лошо бидејќи нема партнер, а општеството го очекува тоа од неа, е тогаш гледам.

За Нова година ја пеев Single bells, single bells, single all the way, и за Божиќ и за Стара нова година исто така, а изгледа ќе ја пеам и за Свети Валентин. Значи, ќе бидам сама, но не и тажна и нерасположена. Додека го пишувам ова, седам на планина опкружена со вљубени двојки. Се фатиле за раце, а јас за лап-топот, и знаете што? Не ми е гајле! Ги правам двете нешта што ги сакам најмногу – пишувам и скијам.

Дали би ми било поубаво кога покрај мене би седела мојата сродна душа? Да, сигурно! Но дали би дозволила да ми пропаднат овие задоволства? Не, сигурно! Пред седум години требаше да бидам исто така на оваа планина и како овие гулапчиња да се гушкам, галам, да гледам во каминот и да ја живеам својата идила од бајките. Но каква бајка ќе беше тоа без некаква вештерка, несреќа, злобница? Овој пат тоа митско чудовиште беше Тој.

Наместо да уживам во мојата идилична двонеделна зимска бајка на планина, свеж воздух и меѓу облаците, поминав повеќе недели затворена дома, леејќи солзи над сопствената зла судбина. Тој имаше 30, а јас 21 година. Живееше во друг град и сакаше да се ожени, да основа семејство.

Наместо повратен билет од планинските предели, добив: „Љубов моја, ти треба да го завршиш факултетот, да патуваш и да градиш кариера. Пред тебе е животот, а јас сакам да се оженам. Мене ми треба жена, мајка, домаќинка. Најпаметно е да се разделиме.“

КРАЈ НА СВЕТОТ НА ДВАЕСЕТ И ЕДНА

На сите околу мене неговите зборови им звучеа логично и разумно, но мене, се разбира, не! За мене тоа претставуваше крај на животот. Во тој миг не сакав ни факултет, ни кариера, ни пријатели. Добро, можеби сакав да му ја запалам куќата или автомобилот, но, за среќа, не го направив тоа. Како и секоја девојка што се вљубила првпат во животот, мислев дека никогаш повеќе нема да сакам. Сакав да се откажам од сè во името на љубовта. Бидејќи, љубовта е најважна, нели?

Така ме учеа од мала. Уште во основно ми кажаа нешто како: љубовта е најважен извор на кислород. Па, потоа Ромео и Јулија, и Шекспир, кој вели: „Во вистинската љубов никогаш ништо не оди како подмачкано“.

Тој Шекспир скапо ме чинеше. И така, поради неговите зборови, верував дека мојот господин Единствен ќе се премисли, бидејќи љубовта секогаш победува, нели? Наместо победа, ме шибна камшикот на реалноста. Го преболев исто како што се прележуваат сипаници. Останува понекоја лузна, можеби и сеќавање, но со текот на годините дури и обичен грип ти изгледа потежок од сипаниците. Тогаш научив дека е најважно да се сакаш себеси, да бидеш среќна сама со себе меѓу четири ѕида, а не да чекаш некакваси втора половина да те усреќи.

Помислата дека само една личност може да нè направи среќни до крајот на животот е нереална. Зар не сме самите одговорни за сопствената среќа? Идејата дека сум некаква половина што талка низ светот во потрага по својата втора половина за да стане комплетна ми изгледа страшно.

ДА СИ ВЕТИШ ВЕРНОСТ ДО ГРОБ

Но еднакво страшен ми е и трендот – автовенчавки. Зборовите на исландската пејачка Бјорк: My name Isobel I married to myself, my love Isobel, living by herself некои девојки буквално ги наведоа како причина да се венчаат сами со себе. Дека на глобално ниво се случуваат промени што не им одат во прилог на девојките без партнер сведочат примерите од Јапонија и од Америка.

Имено, Јапонија е земја со најниска стапка на наталитет, младите ретко се одлучуваат на брак, бидејќи им е поважна кариерата, а заедницата ја гледаат како пречка на тој пат. Меѓутоа, иако овие примери од Јапонија важат за поекстремни, многу често имаме можност да слушнеме дека жени на возраст меѓу 30 и 40 години, по период од пет години самување, се одлучуваат на брак со самите себе. Таквите примери се забележани во Лондон и во Америка.

Се сеќавате на епизодата од култната серија „Сексот и градот“ во која на Кери ѝ исчезнуваат новите и скапи чевли на забавата што нејзината пријателка ја организира за едно од своите деца, па откако пријателката одбива да ѝ го рефундира трошокот, Кери одлучува да ѝ соопшти дека се мажи за самата себе. И додека сите мислевме дека станува збор за шеговита досетка на популарната колумнистка, вистината ја криеше темната страна што денес, по 15 години, станува тренд.

ДАЛИ ОСАМЕНОСТА МОЖЕ ДА НÈ УНИШТИ?

Ставот на Гери Чепмен, кој во книгата „Пет јазици на љубовта“ вели дека нешто во нашето битие копнее по љубов од страна на другите суштества, сепак ме убеди дека не сум „последниот романтичар на овој свет“. Тој смета дека осаменоста има разорно дејство врз човековата психа и токму затоа осудата на самите е најтешката казна.

Во самата срцевина на човековото битие се крие желбата за блискост и за љубов, смета тој, и партнерската љубов треба да ја задоволи оваа потреба, иако тоа не е чест пример во реалноста, па ги споменува многубројните клиенти што му се обратиле поради тоа што внатрешната болка им станала неиздржлива.

Други, пак, му се обраќале сметајќи дека однесувањето на брачниот партнер им го уништува бракот, а некои, едноставно, барале помош како да ја раскинат емотивната врска. Сепак, во животот на возрасен човек, покрај страста по алпинизмот и љубовта кон патувањата и кон шопингот, изгледа ништо не може да го замени љубовниот однос помеѓу двајца. И самата одбивам да верувам дека партнерската љубов исчезнува по неколку воздишки, три проблеми и една плата што доцни.

Современиот начин на живот, забрзаното темпо, медиумите и општеството сугерираат дека сè е заменливо, од телефоните и техниката, преку образованието и професијата, па до партнерот.

ЗОШТО Е ТЕШКО ДА СЕ НАЈДЕ ВИСТИНСКИОТ

Психотерапевтите со долгогодишно искуство во индивидуална, партнерска и во групна терапија, причините за отуѓеност меѓу половите ги делат на три најзначајни: првата причина е индивидуализмот. Луѓето станаа себични и веќе не веруваат во љубов. Генерацијата што ги гледала родителите како се караат заклучила дека поимот на заедница е комплицирана институција, која го отежнува животот, па се организира самечки, гледајќи да ги задоволи само своите потреби.

За нејзините припадници сексот е вид интеракција со друга личност, но многу поретко се одлучуваат за врска, можеби еден ден, но не сега. Тоа е т.н. синдром на нарцисоидност, кој е честа појава во богатите општества, или во општествата што се преправаат дека се богати, како што е нашето. Инаку, зборот нарцисоиден потекнува од зборот „наркис“, „наркоза“ – лице што е нечувствително кон другите. Втора причина е неприфаќање компромиси.

За време на животот, или во младоста, луѓето прават сценарио во кое се појавува вистинскиот партнер или партнерка со точно дефинирани особини и во реалниот живот не можат да остварат таква врска, бидејќи не наоѓаат таков партнер.

Тие најчесто влегуваат во врски, се вљубуваат, се одљубуваат, но вистинскиот никаде го нема. Кај жената тоа најчесто се јавува во доцните 30-ти години, кога биолошкиот часовник ѝ отчукува, а таа и понатаму не се согласува на компромис. Многу жени прават дете од љубов, потоа љубовта ја снемува, тие се разведуваат, во нивниот живот доаѓа друг маж и – тие продолжуваат да живеат во таквиот однос, најчесто среќни и задоволни.

Меѓутоа, кога на жените што се сами ќе им предложите ваква опција како решение, тие најчесто ќе ја одбијат со изговорот дека штом толку многу години чекале, сега нема да се откажат од своите критериуми. Трета причина е разочарување. Оние што во младоста или во блиското минато доживеале длабоко разочарување ретко се осмелуваат да зачекорат во нов партнерски однос.

На пример, мажот што во средно училиште или на факултет доживеал да го остави девојката поради некој спортист има страв од љубовта. Тој од сопственото искуство заклучил дека во жените не може да се има доверба, па, иако е привлечен маж, неговите врски не траат долго време, бидејќи тој не верува во љубов и така и се однесува. На крајот, и покрај неговата потрага, тој и понатаму е сам.

КАКО ДА ГИ ПОБЕДИМЕ БЛОКАДИТЕ И ДА СИ ДАДЕМЕ ДОЗВОЛА ЗА СРЕЌА

Животните тренери сметаат дека за многу од нас имаат списоци од причини поради кои сме ја загубиле довербата во мажите, бракот и во љубовта. И многу од нив се оправдани. Не беше фер! Прашањето што можеме да си го поставиме кога ќе се најдеме обременети со убедувања што ни го загорчуваат животот е дали ќе дозволиш минатото да ти ја дефинира иднината. Спротивно на гардот што го негуваме е дозволата.

Дозвола да имаме партнер. Дозволата е „тивка стратегија“, која доаѓа однатре. Тоа е основата врз која можеме да градиме стабилна врска. Доверба се создава околу личноста што е сигурна, а не околу онаа што се плаши од она што го сака. За дозвола треба да се има смелост, и затоа некои успеваат, а некои цел живот се борат со сопствените стравови. Кога еднаш ќе го доживеете делот од себе што дава дозвола, дури и кога се плаши – животот ќе ви стане полесен.

Отпорот кон наоѓањето партнер е вистински доказ дека не постои вистинска дозвола. Довербата се гради врз сигурност и во мир, а мирот е она од кое љубовта се раѓа и цвета. На сите, барем еднаш во животот, ни се има случено да останеме сами. Но сега, кога сме возрасни, знаеме дека во животот се остваруваат само две нешта – она што најмногу го посакуваме и она од кое најмногу се плашиме. И што да правиме сега кога сме сами?

Да му се посветиме на градењето на самите себе. Да се запрашаме дали некој би можел да нè сака кога ни самите не сме свесни за сопствената сила, ако сме променлива и нестабилна личност, ако не веруваме во себе и не се сакаме себеси.

Откријте ја внатрешната поткрепа, присетете се дека сте жена и дека во вас е неизмерна сила, но бидете свесни дека мора да работите на себе секој ден. Што значи тоа? Темел на нашето растење се самодисциплината и прифаќањето на обврските. Сами изберете што ќе работите, но во тоа не спаѓа пасивно читање и посетување разни слаткоречиви семинари. Потребно е секој ден да се испотите и да се насмеете. Никогаш немојте да зборувате лошо за себе, за другите, бидете трпеливи, и тоа што е ваше – ќе си дојде. Кога ќе станете комплетни, спокојни, самоуверени, достоинствени, решителни и задоволни, ќе привлечете токму таков маж.

ПОГЛЕД НАНАЗАД И ПОГЛЕД НАНАПРЕД

Кога од оваа временска дистанца ќе погледнам наназад, мојот бивш бил во право. Да останев со него, сега немаше да пишувам, ниту, пак, ќе работев во најубавото списание за жени, немаше да му се радувам на јануарскиот снег – ќе седев на некоја клупа, чувајќи едно од трите деца, што значи дека едно од нив веќе сигурно ќе одеше во прво одделение и јас ќе му помагав во учењето. Избрав да бидам во оној дел од популацијата што не сака да биде дефинирана од својот љубовен статус. Понекогаш е потребно да забавиме и да слушнеме што ни порачува срцето. Љубовта не може да опстане без основните начела. Ова се моите. Не се согласувам на помалку, но подготвена сум да дадам повеќе.

Текст: Тамара Богунова

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.