Да се изеде или не: Кога држењето диета прераснува во нездрава опсесија?

Колумна

Како изгледа кога цела редакција на „Убавина и здравје“ држи диета?

Да се изеде последното парче пица или не? Прашање е сега! Пролетта само што не ни чукнала на врата, а стравот од бројките што ќе ги покаже вагата сè повеќе расте. Од летните одмори нè делат само уште четири месеци и сите знаеме дека тоа не е секогаш доволно за да се постигне супертело. Особено по сите празнични мегакалорични гозби! (Ммм… сармички)

Која диета да се почне?

Фобијата од соочувањето со вагата не ја заобиколи ни нашата редакција. Неколку дена во канцеларија владееше една главна тема: која диета да се почне? По долги дискусии за сите плусови и минуси, се поделивме во два тима: тимот што ќе ја практикува диетата што интернетот популарно му ја припишува на Жан Митрев и тимот што ќе држи холивудска диета.

Веројатно сте чуле за првата диета: менито е слично секој ден и претежно подразбира портокал, јајце, кисело млеко, двопек и варено месо. Петтиот и шестиот ден се слободни. Јеј! Не смее да се држи повеќе од три недели, па затоа изгледа изводливо, но потешко е да се издржи одошто се мисли. Тимот што се придржуваше до оваа диета може да ви го потврди ова.

Холивудската диета е пофлексибилна. Нема никакви ограничувања во исхраната, но има три правила:

1. Еден ден може да јадете што сакате, наредниот ден мора да јадете само овошје и зеленчук.

2. Секој ден мора да пиете минимум две литри вода.

3. Секој ден мора да спиете по осум часа. Да, дозволено е да јадете хамбургер и пица секој втор ден. Одлично!

Па, како изгледа тоа кога цела редакција е на диета?

Една од колешките честеше салати за роденден, фрижидерот беше полн со варени јајца, а канцеларијата постојано мирисаше на портокал. Имаше неколку моменти на нервоза поттикнати од глад, но ништо посериозно.

А колку сите се придржувавме до одбраните диети? Првата недела сите бевме дисциплинирани. Секое утро ни почнуваше со фалење кој колку ослабел или со фрустрација колку не ослабел. Во текот на денот ќе се чуеше понекое „леле колку сум гладен/а, сите ќе ве изедам!“ и по неколку „ама ослабен/а сум малку, нели?“. Сè течеше по планот.

Сепак, не е толку лесно да се истрае…

По првата недела веќе ги имавме првите паднати борци (меѓу кои бев и јас, признавам). Почнавме да правиме сè поголеми отстапки од диетите, кои ги правдавме со изговори од типот „немам сила да вежбам ако јадам само зеленчук“ и „подобро малку да отстапам, отколку да изедам сè што не треба“. Некои отстапки беа поголеми од другите. До некаде може да се разбере јадењето несолени бадеми во овошен ден, но не се прифаќа ставање смоки во канчето кисело млеко (макар биле без трансмасти). Излезе дека не е толку лесно да се темпираат деновите и да се јаде само салата кога си на ручек кај твоите. Секако дека не сакате да ја навредите мајка ви, која се потрудила да ви го приготви омиленото јадење!

НЕ за диета по секоја цена!

Сепак, не можам да кажам дека сите потфрливме. Секоја чест за неколкуте ретки исклучоци што издржаа до самиот крај. Победниците си ја постигнаа својата цел, ослабеа онолку колку што сакаа, позадоволни се од својот изглед и не ги вратија изгубените килограми, но признаваат дека не би држеле повторно диета. Ние, преостанатите, ветуваме дека ќе се обидеме пак… од понеделник!

На крајот на краиштата, најважно е како се чувствуваме. Ако диетата влијае врз вашето расположение и ве прави несреќни, верувајте дека не вреди! Ако, пак, ви помага да внесете поздрави навики во исхраната, ја имате нашата поддршка! НЕ за диета по секоја цена! А, сега, да си го дојадам последното парче пица…

Пишува: Марија Лукаревска

ФОТО: GETTY IMAGES

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.