За одржлив развој, неопходни се добра деловна клима и континуирани инвестиции

Пиа Барбориќ Јурјашевиќ, претседателка на Управниот одбор на „Империал Тобако ТКС а.д. Скопје“ и генерална директорка на „Адриатик кластер“ за „Економист: Светот во 2021-та“

Во годишното издание на престижниот британски неделник „Економист“, „Светот во 2021-та“, кое третпат излезе на македонски јазик под ексклузивна лиценца на компанијата „Колор медиа плус“, Пиа Барбориќ Јурјашевиќ, претседателка на Управниот одбор на „Империал Тобако ТКС а.д. Скопје“ и генерална директорка на „Адриатик кластер“, меѓу другото, зборува „со какви предизвици се соочуваат и каква е визијата на компанијата за 2021 година“.

Вие сте претседателка на управниот одбор на Империал Тобако ТКС а.д. Скопје и генерален директор на Адриатик кластерот. Кажете ни неколку клучни индикатори за компанијата, особено за нејзиното присуство во регионот и се разбира во Северна Македонија.

Империал Тобако е една од водечките групации во глобалната тутунска индустрија. Групацијата има значително присуство на многу пазари во регионот, вклучувајќи ги Словенија, Хрватска, БиХ, Црна Гора, Србија, Косово, С. Македонија и Албанија.

Во целина, имаме многу добри остварувања во Адриатик регионот и тоа нѐ охрабрува да продолжиме со интензивните вложувања што ги правиме во сите сегменти од бизнисот, а кои треба и во иднина да ни обезбедат натамошен одржлив развој и стабилна позиција на пазарот во целиот овој регион.

Империал Тобако ТКС е единствената фабрика за производство на цигари во состав на нашата групација во овој регион. Тоа ѝ дава една навистина уникатна позиција во нашиот систем.

Според вас, кои се најважните фактори што имаа влијание на успехот на Империал Тобако ТКС?   

Со задоволство можам да кажам дека ИТ ТКС, по сите свои параметри, е исклучително стабилна и успешна компанија, која значително придонесува во создавањето вредност за сите вклучени страни. На пример, годишниот придонес на ИТ ТКС во буџетот на Македонија изнесува околу 80 милиони евра, што претставува значаен придонес кон финансирањето на функциите на државата и развојот на земјата.

Дополнително, компанијата обезбедува континуирана работа за над 250 домашни компании-набавувачи, а истовремено за потребите на производството на цигари вршиме откуп на тутун од домашни лиценцирани производители, со што на директен начин го поддржуваме развојот на оваа значајна земјоделска гранка.

Во изминатите 18 години инвестираме близу 40 милиони евра во најсовремена технологија и опрема, што ни овозможи целосна модернизација на производството. Но, она што е исклучително значајно се инвестициите во вработените, нивната обука и развој.

Во тој сегмент, мојата лична заложба, што истовремено претставува и компаниска политика, е обезбедување поголема застапеност на жените на раководни позиции во компанијата и воопшто во општеството, затоа што сметам дека родовата еднаквост е еден од неопходните предуслови за одржлив развој во иднина.

Со какви предизвици се соочувате и каква е визијата на компанијата за 2021 година?

Основната премиса на која е изграден бизнис-моделот на Империал Тобако, а во тие рамки и на ИТ ТКС, е одржливоста, и тоа од различни аспекти – одржливост на компанијата, на работните места, на придонесот кон развојот на економијата и кон заедницата.

Убедени сме дека ваквата бизнис-филозофија и континуираните вложувања ќе ја зајакнат нашата отпорност на сите видови тековни и идни предизвици. Се разбира, како странска инвестиција и успешен деловен субјект заинтересирани сме да ја задржиме стабилната позиција на пазарот, за што еден од клучните фактори е поволната бизнис-клима во земјата.

Од тој аспект, клучни предизвици што треба да се решат од страна на институциите во следниот период е воспоставувањето поурамнотежена структура на акцизата на тутунски производи и борбата со нелегалната трговија на тутун и тутунски производи.

Сметаме дека со решавање на овие прашања ќе се овозможи пофер третман на потрошувачите со посоодветна дистрибуција на даночниот товар меѓу потрошувачите од нискиот и оние од премиум ценовниот сегмент и значително ќе се придонесе кон заштита на легалниот пазар на тутун и тутунски производи, на тој начин осигурувајќи понатамошен развој на индустријата и одржливи буџетски приходи.

Остануваме посветени на одговорното работење, партнерството со сите релевантни засегнати страни и на придонесување кон целокупниот развој на бизнисот и економското опкружување.

Текст: Економист: Светот во 2021-та

Фото: Приватна архива

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.