Рускиот амбасадор Сергеј Баздникин порачува: „Ставовите на нашите земји секогаш не се совпаѓаат“

„Економист: Светот во 2021-та“

Амбасадорот на Руската Федерација, г. Сергеј Баздникин, во интервјуто за годишникот на престижниот британски магазин „Економист“ – „Светот во 2021-та“ – зборува за најзначајните предизвици за Северна Македонија во новата година и укажува дека „нашите ставови секогаш не се совпаѓаат. Сепак, во односите на нашите земји нема надразнувачи, иако постојано ги измислуваат тие што се обидуваат да ја заменат здравата економска конкуренција со ривалството.“

Подготвени сме да го споделиме нашето искуство и да соработуваме со сите земји, вклучително и Северна Македонија, и во снабдувањето со руски вакцини, кои ја докажаа нивната сигурност, ефикасност и безбедност“, го почнува разговорот господинот амбасадор.

Како се развива соработката меѓу Русија и Северна Македонија и со какви предизвици се соочува?

Нашите нации се поврзани со длабоки историски традиции. Не станува збор само за јазична, културна и духовна блискост. Русија ги поддржуваше балканските народи за време на нивната борба за самоопределување. Во нашата земја студирале и работеле поетот Константин Миладинов, филологот и публицист Крсте Петков Мисирков, лексикографот Димитрија Чуповски. На Империјалниот Дерптски универзитет, пред 130 години, славистот Леонард Готхилф Мазинг ја одбранил својата прва докторска дисертација за македонскиот јазик.

Нашите народи воделе заедничка борба против нацистичката чума за време на Втората светска војна. И покрај тоа што Црвената армија не учествувала во ослободувањето на Македонија, многу наши сонародници се бореле и загинале во редовите на партизаните. Затоа, многу ги цениме антифашистичките традиции што станаа темел на македонската државност и не можеме да ги прифатиме обидите да се доведат во прашање резултатите од војната и значењето на Големата победа, а агресорите и ослободителите да си ги „сменат местата“. Подвигот на воините е овековечен со спомен-обележјето, кој со наши заеднички напори со Општина Центар беше инсталиран во Скопје во 2020 година.

Русија доследно гради заемно корисни односи со Северна Македонија. Нашата економска соработка опфаќа различни области – од енергијата и фармацевтиката до земјоделството. Нашите инвестициски проекти даваат значителен придонес кон развојот на економијата на Северна Македонија. Меѓу нив се мрежата на современи бензински станици на компанијата Лукоил, која работи на пазарот во земјава веќе 15 години, еколошката термоцентрала ТЕ-ТО, Балкан енерџи груп, која снабдува со топлина куќи и канцеларии во главниот град.

Што се однесува до предизвиците, не гледаме причина за проблеми. Да, нашите ставови секогаш не се совпаѓаат. Сепак, во односите на нашите земји нема надразнувачи, иако постојано ги измислуваат тие што се обидуваат да ја заменат здравата економска конкуренција со ривалството. Трговските војни и едностраните санкции се неприфатлив метод за нас. Затоа разумната политика на раководството на Северна Македонија, во однос на антируските рестриктивни мерки во економијата, дава резултати – на заднината на општата стагнација на надворешната трговија предизвикана од пандемијата, руско-македонската стокова размена расте – за деветте месеци од 2020 година, таа се зголеми за речиси 20 отсто.

Ја спомнавте пандемијата. Како, според Вашето мислење, треба да се гради заедничка работа за спречување на оваа закана?

Пандемијата стана еден вид „момент на вистината“, откривајќи ги противречностите на глобализацијата. Историјата на последните месеци е преполна со примери на благородност и несебична помош, сепак, исто така, гледаме рамнодушност кај тие кон кои се насочени надежите на тие што бараат поддршка. Повторно станаа актуелни пречките и бариерите, што се чинеше дека останаа во минатото.

Русија зеде активно учество во меѓународните напори за борбата против пандемијата, обезбедувајќи им помош на погодените земји. Подготвени сме да го споделиме нашето искуство и да соработуваме со сите земји, вклучително и Северна Македонија, и во снабдувањето со руски вакцини, кои ја докажаа нивната сигурност, ефикасност и безбедност.

Потребно е заедно да се користат капацитетите на глобалната фармацевтска индустрија, со цел што е можно поскоро да се обезбеди пристап до вакцинирање за граѓаните од сите држави. Во здравството, како и во економијата, треба да се отстранат бариерите за партнерство, да се создадат услови за користење на постојните достигнувања во име на спасување на луѓето и враќање на јавниот живот во нормала.

Кои ќе бидат најзначајните предизвици за Северна Македонија во 2021 година?

Убеден сум дека Скопје добро разбира со што ќе се соочува и како да се најде решение за овие предизвици.

Се надевам дека пандемијата ќе биде победена во догледно време. Потоа ќе следи тежок пат кон закрепнување од доживеаното – важно е да се обезбеди балансот помеѓу економското закрепнување и социјалната стабилност. Мислам дека повеќето земји ќе го имаат истиот проблем. Свесни сме за важни инфраструктурни проекти планирани во Северна Македонија, иницијативи за употреба на „чисти“ извори на енергија. Верувам дека нивната реализација ќе ги подобри социо-економската и еколошката состојба. Русија со задоволство ќе го сподели своето искуство и технологии за да се постигне оваа цел.

Текст и фото: приватна архива, „Светот во 2021-та“

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.