Градежниот бренд „Адора“ се шири на интернационалниот пазар со паметен начин на инвестирање во недвижнини

Душко Чифлиганец, заменик-претседател на Adora Business Group и генерален директор на Adora Living Solutions , за „Економист: Светот во 2021“

Нов хотелско-резиденцијален концепт на недвижности „21st Century Zlatibor by Adora“, кој инвестираните пари им ги враќа на купувачите

Адора инженеринг, која важи за една од најмоќните градежни компании и е самиот врв во високата градба во Македонија, имаше извесна стагнација, за повторно кон крајот на 2020 да се појави на градежната сцена, во појака форма и проширен состав, со поврзаните фирми од различните бизнис-сфери и региони во светот, заеднички именувани како Адора бизнис-групација, со нов револуционерен проект надвор од границите на државата. Што беше причината за стагнацијата на градежните инвестиции и за повторниот камбек?

Душко Чифлиганец, заменик-претседател на Adora Business Group и генерален директор на Adora Living Solutions

Адора инженеринг имаше подолг период на стагнација во градежништвото, нашата примарна сфера во бизнисот, директно предизвикана од институционалната селективна ефикасност на скопската Општина Центар.

Всушност, од страна на општината, веќе три години е наметнат „мораториум“, односно забрана за градење во неколку опфати на градот, каде што Адора има зацртано реализација на нови стратегиски, пионерски инвестиции во вредност од 80 милиони евра во двете насоки.

Овие економско деструктивни одлуки, највисоката судска инстанца во државата, Уставниот суд на Република Македонија ги прогласи за неосновани и ги поништи, но и покрај тоа, Општина Центар продолжи да ги спроведува.

Поради тоа, тимот што Адора инженеринг го градеше 18 години, кој броеше 500 врни стручњаци, се сведе на само 20 луѓе, а нашите активности во градежништвото целосно застанаа.

Мотивирани од оваа неправда, која тешко се проголтува, неможноста да го пласираме капиталот во домашната економија и, пред сè, водени од нашата љубов кон создавањето иновативни концепти за домување и висококвалитетни недвижности, по  студиозна анализа на можностите на пазарите на недвижности во регионот, пристапивме кон развој и изградба на уникатен модел на станбено-деловен комплекс на преубавиот српски Златибор, кој многумина го нарекуваат балканската воздушна бања и вистински планински рај, кој важи за едно од местата со најмногу сончеви денови на просторите на поранешна Југославија.

Имено, се работи за проект под слоганот „Дефиниција за планински хедонизам“, што е вкупна инвестиција од 15 милиони евра во двете насоки. За потребите на проектот „21st Century Zlatibor by Adora“, ја создадовме Adora Living Solutions или Адора решенија за живот, која како продолжена рака е претставник на градежниот бренд Адора на српскиот пазар и е член на Адора бизнис групацијата, како што сега со едно име ги претставуваме сите компании под капата на Адора во Македонија, но и во другите региони каде што имаме бизнис-активности.

Фактот што туристичката сезона на Златибор се протега буквално преку целата година, можеби во лето дури и е повеќе посетен отколку во зима, пуштањето во употреба годинава на најдолгата гондола во светот, во рамки на скијачкиот центар Торник, укажува на огромен потенцијал за развој во иднина, што со нашата длабока анализа на пазарот, која покажа дека Златибор е едно од ретките места каде што продажбата на недвижнини е зголемена во времето од започнувањето на ковид пандемијата, беа пресудни фактори врз кои се темели нашата одлука да го избереме токму Златибор за влегување на брендот Адора на територијата на Србија.

Адора важи за бренд што секогаш yмее да изненади со иновативности во сферата на недвижностите. Adora Living Solutions, Вашата филозофија на градење концепт на домување, што е многу повеќе од квадратни метри, ја надополнува со паметен модел, кој нуди поврат на инвестицијата. Што ќе добијат купувачите на апартман во Вашиот прв објект во Србија, во комплексот во срцето на Златибор?

Мисијата на Адора со овој проект е на најдобар начин да ги споиме нашите афинитети за креирање извонредни, врвни недвижнини со нашата остроумност за создавање профитабилни бизнис-модели. 21st Century Zlatibor“ е перфектна комбинација на можности за купување дом за одмор на оваа прекрасна дестинација, а истовремено тоа да биде мудра и мошне доходовна инвестиција.

Всушност, се работи за хотел-резиденс концепт, кој ќе биде надополнет со содржини од типот на базен, спа, велнес, вежбалница, ресторан, двор за релаксација и друго. Иновативноста на концептот се состои во тоа што на луѓето со купувањето на становите ќе им се пружи можност да склучат договор со нашата компанија, која ќе се занимава со издавање и одржување на апартманските единици во име на сопствениците и стопанисување на целиот комплекс со сите придружни содржини во форма на елитен, високопрофесионален хотелски сервис.

За концептот да е целосно автентичен на елитно хотелско сместување, при самото купување на становите, од наша страна, се нудат две опции на унифицирано, целосно опремување на апартманот, со modern или contemporary дизајн, каде што Адора буквално до најситните детали ќе се погрижи за осмислување и опремување на ентериерот на апартманите.

Овој начин на паметно инвестирање им овозможува на купувачите да го користат својот дом за одмор и за релаксација на преубавиот Златибор, кога и колку што ќе посакаат, а во остатокот од времето, Адора целосно да се погрижи за долгорочност и профитабилност на нивната инвестиција, така што станот нема да им претставува трошок, туку профитабилна инвестиција за купувачите.

Уверени сме дека проектот „21st Century Zlatibor by Adora“ ќе претставува гордост на македонската бизнис-заедница, ќе ги редефинира стандардите на планинските елитни недвижности во Србија и ќе биде апсолутно најдобрата дестинација за современо живеење на Златибор.

Реализацијата на проектот е веќе започната и, во зависност од временските и други прилики, планираме завршување на изградбата и пуштање на комплексот во употреба при крајот на 2021 година.

Во меѓувреме, се надеваме и апелираме до општинските власти за разрешница на проблемите со кои се соочуваме во нашата држава, со што би можела Адора повторно да создава топли, висококвалитетни домови и иновативни можности за инвестирање и живеење за македонските граѓани.

Текст: „Економист: Светот во 2021-та“

Фото: приватна архива

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.