Експанзија на електронските плаќања и забрзан развој на е-трговијата се трендови од 2020 што ќе продолжат и во 2021

Филомена Пљаковска-Аспровска, претседател на Управниот одбор и извршен директор на Касис АД Скопје, за „Економист: Светот во 2021“: „Очекувам е-трговијата да продолжи да се развива со зголемен интензитет и да се зголемува обемот на електронски плаќања.“

Како дипломиран електроинженер, насока Електроника и телекомуникации, магистранд на Економскиот факултет при УКИМ, алумни на Schulich School of Business, York University Toronto CA и стипендист на Kellog School of Management USA, Филомена Пљаковска-Аспровска, својата кариера ја започна на позиција систем администратор во компанијата, потоа директор на сектор и  член на Управен одбор.

Филомена Пљаковска-Аспровска, претседател на Управниот одбор и извршен директор на Касис АД Скопје

Во 18-годишното работно искуство учествувала во многу значајни проекти за имплементација на иновации и нови продукти од доменот на картичната индустрија.

Со неа разговараме за забрзаната дигитализација и експанзијата во доменот на електронските плаќања што 2020 ги донесе како резултат на пандемијата.

Како би ја оцениле 2020 година генерално и од аспект на работењето на Касис?

 Предизвици, можности, раст, нови услуги, континуитет и квалитет на поддршката за нашите партнери и крајни корисници се аспектите, кои ни се движечка сила и мотив во секојдневното работење.

Во 2020 година, влеговме со мотото Digital 2020 Say Hello, и се покажа како клучна токму нашата подготвеност да стимулираме дигитализација.

И покрај огромниот пресврт во начинот на функционирање на секој сегмент од општеството, бевме подготвени веднаш да преземеме активности што ќе гарантираат непречен тек на работењето и  континуираност на услугите и поддршката на клиентите.

Особено сум горда на мојот тим, кој во периодот непосредно по прогласувањето на пандемијата демонстрираше висока свест и одговорност, што резултираше со брза адаптација и успешно воведување нови услуги и нови облици на комуникација.

Факт е дека годинава се забележува значителен раст во делот на онлајн-плаќањата, што всушност е очекувано.

Според статистиките, бројот на виртуелни продажни места пораснал за 28 отсто, што е двојно повеќе од растот во претходните години, а бројот на трансакции кај виртуелните продажни места пораснал за дури 50 отсто.

Касис подготвено излезе во пресрет на сите барања на пазарот и партнерите. Овозможивме нови услуги на АТМ уреди со цел замена, односно дигитализација на услугите што граѓаните ги добиваат во експозитурите на банките.

Најновите сервиси што ги понудивме на банките беа „Ажурирање мобилен телефонски број на банкомат“, Web service комуникација со банките, со цел зголемена контрола на промената на податоци и ризикот на страната на клиентот и новите картични продукти за плаќање стикер и минитаг.

Преку системот за мониторинг и превенција на сомнителни трансакции што Касис го поседува, речиси сите банки клиенти во нашиот систем беа дефинирани со цел заштита и превенција од злоупотреби со платежни картички.

Во однос на нашиот систем за електронска трговија – cPay, во моментов работат повеќе од 70 отсто  од виртуелните продавници на македонскиот пазар, односно 800 е-commerce трговци, 29.800 регистрирани клиенти и просечно месечно се обработуваат повеќе од 280.000 трансакции.

Оваа година ја комплетиравме и имплементацијата на најновиот 3D безбедносен протокол 2.0. Тој истовремено овозможува подобрено корисничко искуство и високо ниво на безбедност со автентикација на сопственикот на картичка при купување на интернет со MasterCard SecureCode и Verified by Visa 3D.

Тековно поддржани функционалности во системот за електронска трговија се плаќање во еден чекор, плаќање во два чекора комплетирање, рефундирање/делумно рефундирање, повторувачки плаќања (Recurring payments), Card-On-File, можност еден трговец да користи терминали за различни брендови на картички преку различни банки.

Придобивките за учесниците во е-трговијата се повеќекратни.

За банките, значајна дополнителна услуга, за трговците флексибилност во тековното работење според принципот 24×7 (без ограничување во работното време) и за крајните корисници плаќање на производи и услуги преку интернет од кое било место, без физичко присуство.

Кои се најголемите предизвици пред електронските трансакции и онлајн-плаќањата?

 Споредено со високоразвиените земји, во нашата земја имаме помал обем на електронска трговија, што се должи на повеќе фактори: недоволна понуда, неинформираност, недостиг од едукација поради што се јавува и недоверба во безбедноста на електронските плаќања.

Кога станува збор за безбедноста, Касис континуирано подлежи на контроли од меѓународните регулаторни тела, со што би се потврдила усогласеноста со стандардите и би се извршила проверка за безбедноста на податоците.

Станува збор за регулативи и стандарди карактеристични за картичната индустрија, кои е неопходно да се почитуваат и за кои е потребно да се има сертификат.

Касис исполнува глобални и високо релевантни стандарди во доменот на електронската трговија, со што обезбедува високо безбедни електронски плаќања. Во земјава имаме сигурно, безбедно, доверливо и отпорно дигитално опкружување, поддржано од квалитетно изградени капацитети, висококвалификувани експерти, како и национална и меѓународна соработка во областа на сајбер-безбедноста.

Какви се плановите на Касис за 2021 и проекциите за порастот на електронските плаќања и развојот на е-трговијата?

 Глобалните трендови ќе се одразат и на нашата земја. Растот на е-трговијата не е краткорочен, луѓето сѐ повеќе ќе продолжат да купуваат преку интернет, а евидентно е дека отворањето онлајн-продавница ќе станува сѐ подостапно и поедноставно, а купувањето преку интернет ќе биде поперсонализирано и автоматизирано.

Очекувам е-трговијата да продолжи да се развива со зголемен интензитет и да се зголемува обемот на електронски плаќања. Во насока на зголемување на понудата, како и оваа година, така и следната година, заедно со нашите банки клиенти, организираме промотивни кампањи со финансиски олеснувања со цел зголемување на понудата.

Во континуирана комуникација сме со бизнисите за изнаоѓање решенија за нивните бизнис-модели за продажба на производи и услуги, како во земјата, така и во странство. Несомнено е дека електронската трговија е најлесниот начин за пласман и освојување нови пазари, поради што има голем потенцијал.

Во насока на зголемување на користењето и довербата во електронската трговија, самостојно и во соработка со партнерите планираме едукативни активности, кои ќе им овозможат на граѓаните соодветно знаење, а со тоа и повисока доверба во електронските трансакции.

Ние како независен процесор сертифициран од страна на Мастер кард и Виса, доследно ги следиме и ги практикуваме меѓународно прифатените стандарди за работа и усогласеноста со таквите стандарди со една единствена цел, обезбедување висок степен на безбедност и оперативна доверливост на своите клиенти.

Текст: Економист: Светот во 2021-та

Фото: приватна архива

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.