Билал Суџубаши: „Халкбанк“ успеа да стане еден од најголемите и најсилни брендови на македонскиот финансиски пазар

Разговор со главниот извршен директор на Халкбанк АД Скопје за „Економист: Светот во 2021-та“

Успеавме да создадеме нови производи и услуги што ќе ѝ овозможат на банката остварување на целите за раст преку задржување на одржливо ниво на профитабилност

Пандемијата со ковид-19 ги измени плановите на граѓаните и на компаниите. Сепак, ако се следат показателите на Народна банка, банкарскиот сектор остана стабилен и бележи резултати поголеми од проектираните. За тоа како работеше Халкбанк АД Скопје во годинава што изминува и што планира за 2021 година, кога бележи јубилеј – 10 години постоење на македонскиот пазар, зборуваме со главниот извршен директор Билал Суџубаши.

Точно е дека банкарскиот сектор остана стабилен и во вакви услови. И претходно имам кажано дека македонскиот банкарски сектор е стабилен, поставен на добри фундаменти. Колку е тоа важно се покажа кога пандемијата со ковид-19 удри силно по сите сегменти на нормалниот живот и работа. Банките, поддржани секако со соодветни мерки и активности на НБРСМ, успеаја да одговорат на предизвиците, да излезат во пресрет на граѓаните и компаниите со пролонгирање на нивните кредитни обврски и дури да го засилат кредитирањето. Централната банка, за разлика од кризата во 2008 година, водеше релаксирана монетарна политика за да го поддржи економското закрепнување, што овозможи да продолжи кредитирањето по пониски каматни стапки.“

Г. Билал Суџубаши, главен извршен директор на „Халкбанк АД Скопје“

Како што веќе објави НБРСМ, согласно последните расположливи податоци од август, кредитниот раст изнесува 8,8 отсто, додека на крајот на минатата година изнесуваше 6 отсто. Зголемување има и кај депозитната база.

Ние сме задоволни од тоа како работевме и во вакви кризни услови. Задоволни сме бидејќи имаме остварено значителен раст во сегментот на кредитирање и во делот на депозитите.

Вкупните кредити до октомври имаа раст од 13,38 отсто, во однос на декември минатата година, односно во апсолутен износ растот на кредитирањето е за околу 82,5 милиони евра. Притоа, кај корпоративниот сектор имаме пораст на кредитирањето од 2,38 отсто, а кај населението за 24,03 отсто. Нашата депозитна база, на крајот на октомври, во однос на крајот на 2019 година е зголемена за 115,3 милиони евра, што претставува раст од 17,7 отсто.

Годинава ја зголемивме и активата на банката. Заклучно со октомври, таа изнесуваше нешто над милијарда евра, што е раст од 12,67 отсто во однос на крајот на минатата година, која ја завршивме со вкупна актива од околу 934 милиони евра. Притоа, со докапитализацијата, која со стартот на кризата ја изврши нашата матична банка Халкбанк АШ Турција, во износ од 20 милиони евра, нашите сопствени средства во првата половина од годината достигнаа 140 милиони евра.

Сепак, кризата се одрази на севкупните финансиски резултати. На крајот на октомври, профитот изнесуваше нешто над 7 милиони евра, додека ланската година ја завршивме со профит од 11,4 милиони евра. Ова во најголем дел се должи на фактот што многу наши клиенти и во делот на население и во корпоративниот сектор ја користеа мерката за одложено плаќање на кредитните обврски, така што и не се реален приказ на успешноста на работењето.

Морам да споменам дека остварените резултати заклучно со октомври се над она што го проектиравме за 2020 година – пораст на вкупните кредити и депозити од околу 12 отсто и пораст на вкупната актива за нешто над 11 отсто.

Прочитајте и: Билал Суџубаши: „Влезот на Халкбанк АШ Турција на македонскиот финансиски пазар беше вистински потег“

Имате двоцифрен раст и кај кредитирањето и кај депозитите. На што се должи?

Ваквите добри показатели во работењето се потврда дека производите што ги понудивме на пазарот наидоа на одличен прием и дека навистина се креирани по мерка на потрошувачите. Докапитализацијата од нашата матична банка овозможи да излеземе со мерка за одложено плаќање на кредитните обврски на граѓаните и стопанството и да продолжиме засилено со кредитирање.

Креиравме кредитни производи со атрактивни каматни стапки за населението – потрошувачки и станбен кредит, кои наидоа на одличен прием. Многу граѓани ја искористија шансата и извршија рефинансирање на своите стари кредити земени со повисоки камати. Дадовме поддршка и на корпоративниот сектор, особено на малите и на средните компании, кои се наш главен фокус.

Зголемувањето на депозитната база е доказ дека постои голема доверба во стабилноста и сигурноста на Халкбанк кај граѓаните и компаниите поради што и во вакви кризни времиња ги доверија своите средства на сигурен партнер. Зголемувањето на депозитната база е резултат и на преземање на дел од штедачите од Еуростандард банка. Најголем дел од оние на кои обесштетувањето од Фондот за осигурување депозити се исплаќаше преку Халкбанк, останаа да штедат во нашата банка.

Една од целите што ги поставивте беше поголемо внимание на осигурителниот бизнис, односно на работењето на Халк осигурување. Дали ги остваривте зацртаните цели?

Посветивме посебно внимание на Халк осигурување и мисијата за олеснување и збогатување на животот на физичките лица и корпорациите преку понуда на индивидуални и корпоративни решенија за осигурување.

Успеавме да создадеме нови производи и услуги, кои ќе ѝ овозможат на банката остварување на целите за раст преку задржување на одржливо ниво на профитабилност. Нашите банкарски производи нудат обезбедување на кредитното задолжување со полиса за осигурување од Халк осигурување. Тоа, не само што значи зголемување на осигурителното портфолио, туку и олеснување и сигурност на граѓаните, знаејќи дека во денешно време е тешко да се обезбедат жиранти.

Халк осигурување, во моментов, брои 135 вработени и располага со продажна мрежа од 44 подружници во 22 градови низ целата држава. Продажната мрежа зајакна кога започна продажба на своите полиси и продукти во над 40 филијали на Халкбанк, добивајќи можност уште повеќе да ги доближи до граѓаните.

Генералната дирекција на Халк осигурување е сместена во нови простории – во  корпоративната зграда Сити Плаза, на ул. Мајка Тереза. Објектот од минатиот месец е во сопственост на Халкбанк и во него, покрај осигурителниот бизнис, планираме да префрлиме и дел од главната дирекција на Халкбанк. Растот на средствата и капиталот е најдобра потврда за растот на групацијата Халкбанк.

Македонска пошта неодамна ја прифати понудата за соработка на Халкбанк за финансиски услуги и услуги на платениот промет од страна на Поштата. Кога ќе почне ова партнерство и што ќе значи за Халкбанк?

Управниот одбор на Македонска пошта донесе одлука да ја прифати понудата на Халкбанк. Таа е потврдена од Надзорниот одбор, а согласност за склучување на договорот даде и владата. Според условите од договорот, рокот за имплементација се два месеца по техничкиот прием на постојниот систем, кој досега беше во употреба. Веруваме дека овој договор ќе значи многу за финансиското работење на Халкбанк.

Македонска пошта за многу граѓани претставува најбрз и најлесен начин за плаќање сметки, комунални услуги, исплата на пензии, социјална помош итн. Целиот овој трансфер во иднина ќе се одвива преку Халкбанк, што секако ќе донесе финансиски придобивки.

Какви се плановите на Халкбанк за 2021?

Проекциите за 2021 година укажуваат дека и следната година ќе работиме на постигнување раст што е на повисоко ниво од растот на секторот. Стратегиските цели и следната година ќе бидат задржување на позицијата на една од водечките банки, остварување стабилен раст, реализирање значајни проекти за нашето општество, екологија и младина и одржливо ниво на профитабилност.

Следната година за нас е јубилејна бидејќи под брендот Халкбанк во Северна Македонија работиме од 2011 година. За оваа деценија, благодарение на начинот на работа во сите сегменти и со поддршката што ја имаме од нашата матична банка Халкбанк АШ Турција, успеавме да станеме една од четирите најголеми банки во земјава и да влеземе во категоријата системски значајни банки.

Станавме најбрзорастечката банка во Северна Македонија и еден од најголемите и најсилни брендови на македонскиот финансиски пазар.

Јубилејот ќе го одбележиме како што ќе дозволуваат условите во оваа состојба на пандемија. Но, по негов повод, за населението и бизнис-заедницата ќе излеземе со нови производи, со многу поволности и примамливи опции.

Текст: Економист: Светот во 2021-та

Фото: Приватна архива

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.