Амбасадорот на Република Франција порачува: „Што и да се случи, европскиот предизвик треба да остане комплетен и в година“

Н.Е. Сирил Баумгартнер, амбасадор на Република Франција во Северна Македонија, ексклузивно за „Економист: Светот во 2021-та“: „Убава е честата глетка, каде што, покрај камбанариите, може да се видат минариња, под истото мирно сонце“

Во годишникот „Економист: Светот во 2021-та“, кој третпат излезе на македонски јазик под ексклузивна лиценца на компанијата „Колор медиа плус“, Н.Е. Сирил Баумгартнер, амбасадор на Република Франција во Северна Македонија, ги открива своите размислувања затоа кои ќе бидат најголемите предизвици за Северна Македонија во 2021 година.

Јас би издвоил три, сите од различна природа“, вели неговата екселенција во почетокот на разговорот за „Светот во 2021-та“.

Прво – европското прашање, чиј приоритет е сосема јасен. Пред крајот на годината се наоѓаме во тензичен и неизвесен период. По 15 години чекање, како земја-кандидат, Северна Македонија, во принцип, треба да стане земја што пристапува. Европскиот совет во март годинава даде согласност во таа насока, а сега треба да се одржи меѓувладината конференција за почеток на процесот.

Германското претседателство со Советот на ЕУ си постави цел да го постигне тоа пред следната ротација – Португалија, на 1 јануари 2020. Времето е кратко. Многу е направено и речиси има едногласност меѓу земјите-членки дека сработеното е задоволително.

Останува блокадата, поврзана со чувствителни прашања за идентитетот и јазикот, што ги поставува Бугарија. Не запираат напорите за изнаоѓање брзо решение, но, како што реков, периодот е тежок и на краток рок, исходот не е извесен.

Што и да се случи, европскиот предизвик треба да остане комплетен и в година. Или сегашните напори нема да успеат под германското претседателство, а целта ќе биде одложена во потрага по успешен исход, или напорите ќе вродат со плод и суштински ќе започне да се работи.

Преговорите ќе се одвиваат според нова методологија, која Франција ја посакуваше и ја поддржуваше заради поголема гаранција дека процесот на усвојување на законодавството ќе ѝ овозможи на земјата што пристапува успешно да се подготви за членство, за што ќе бидат потребни длабоки и трајни реформи.

Се чини дека македонската влада е решена да ги иницира. Не се работи само за „штиклирање на европските поглавја“ заради исполнување на бараните стандарди, туку и за воведување мерки според очекувањата на граѓаните за поефикасна и непристрасна правда, попрофесионална администрација, квалитетен живот и поздрава животна средина.

Тие мерки треба да ја зголемат меѓународната атрактивност на земјата со попредвидливо и позаштитено деловно опкружување, кое може да привлече инвеститори, создавајќи услови за уште позначителен развој. Франција е непосредно заинтересирана во тој поглед.

Станува збор за интеграција на нова земја-членка, можеби 28. во Унијата, заедница, која, да се потсетиме, е најинтегрирана во светски рамки и функционира според бројни меѓусебно зависни елементи. Таа денес е исправена пред светот што се менува, обележан со различни транснационални предизвици од невидени размери.

Второ, на 13 август се навршуваат 20 години од Охридскиот рамковен договор, кој помогна да се врати спокојот и стабилноста по периодот на голема напнатост во земјата. Неговото одбележување ќе биде можност да се согледа патот што го изоде Северна Македонија.

Постепеното интегрирање во европскиот, атлантскиот и меѓународниот систем како земја-членка на ООН (1993), на ОБСЕ (1995), на Советот на Европа (1995), на Меѓународната организација на Франкофонијата (2006)… сега и на НАТО, а се надеваме дека наскоро ќе може да направи исчекор кон интеграцијата во ЕУ.

Институционалниот модел, кој почива врз рамковниот договор, поминуваше низ турбуленции, попатно претрпе некои измени, но гледајќи наназад, јасно е дека тој се покажа како одржлив. Институциите и соживотот меѓу заедниците, уште повеќе се зацврстија. Убава е честата глетка, каде што, покрај камбанариите, може да се видат минариња, под истото мирно сонце.

Впрочем, еминентни француски личности беа непосредно вклучени во преговорите и во спроведувањето на договорот. Франсоа Леотар и Ален Ле Роа, како специјални претставници на ЕУ, и Робер Бадентер, кој имаше важна улога во амандманската интервенција во Уставот, особено на неговите одредби за правата на малцинствата. Одбележувањето на Охридскиот договор ќе значи одбележување на пријателството помеѓу Франција и Северна Македонија.

Трет предизвик се локалните избори следната есен, кои имаат две димензии. Првата, која е главна, е локалната. Луѓето обично гласаат за личност, а не толку за или против некоја партија или влада. Но, изборите може да имаат и национална димензија, кога се мобилизираат сите гласачи во земјата, што, всушност, претставува анкета во реални услови, имајќи предвид дека тие избори ќе бидат први по оние од летото годинава, кои доведоа до нова влада на премиерот Заев и ќе останат единствени пред следните претседателски и парламентарни.

Затоа Франција со интерес ги следи локалните избори. Покрај политичката димензија, тие ја засегаат нашата децентрализирана соработка, која, пак, претставува важен аспект од техничката и од политичката размена меѓу нашите две земји.

Текст: Економист: Светот во 2021-та

Фото: приватна архива

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.