Жена на жената ѝ е волчица: Зошто е важна женската солидарност?

Исповед на нашата соработничка

58

По дефиниција, солидарност значи подготвеност да му се помогне на другиот, во нашиов случај, на жената, но денес е сè поретка. Прочуената реченица на филозофот Томас Хобс „Човек на човека му е волк“ доби нова интерпретација: „Жена на жената ѝ е волчица, истакнувајќи колку сме се отуѓиле од утешните зборови, разбирање и подавање рака, па токму затоа е важно да ги истакнеме женските приказни за поддршка. Затоа што, кога се дели, љубовта е поголема, а страдањето е помало.

Ви го пренесуваме искуството на нашата соработничка од Црна Гора, Наташа Гардашевиќ, магистер по правни науки…

Живеам во земја во која се прават селективни абортуси. Што е тоа? Тоа е кога ќе го отвориш менито и избираш што ќе порачаш. Момче! Како да си избрал солени палачинки, црвено вино… Кај нас девојчињата не се еднакво посакувани, ниту, пак, вредни, како момчињата. Во мојата земја народот се радува со пукање од пиштоли, но само кога ќе се роди машко дете. Кај нас е срамно сестрата да не се откаже од имотот во полза на брата си. Кај нас разведена жена е „распуштеница“, а немажената – „уседелица“.

Тука жената работи, раѓа, одгледува деца, но не се прашува ништо. Немажената ја ословуваат со Гардашевиќева, а ако е мажена и го зела презимето на мажот – Гардашевиќка, што значи, дури и граматиката ги раслојува жените на мажени и немажени.

Живеам во земја во која ќерката ја ословуваат со „сине“, каде што младите, сакајќи да истакнат некоја доблест на девојката, ја нарекуваат „брате“, додека, пак, за добро завршена работа се вели – секоја чест, ја заврши работата машки!

А живееме во време во кое е пробиена озонската обвивка на Земјата, во кое се живее 300 на час, а ние абортираме здрави плодови на девојчиња, заради престиж. И додека во светот се работи на пронаоѓање нови начини за оплодување, во мојата земја постои поимот „несакан пол на детето“.

Ако и ти си девојче што не било планирано, заради кое не се пукало кога се родило, ако си „утешна награда“ – никогаш немој да заборавиш колку си прекрасна, токму затоа што си жена. Единствена и незаменлива! Твојата снага е во тоа што имаш шанса да научиш макар едно девојче колку е важно, да ги менуваш нештата. Ти, девојченце, си важна! Не заборавај го тоа. И не сум феминистка, јас сум девојче.

Текст: Тамара Богунова

Прочитајте и

Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

Сакаш посебен третман?
Зачлени се во елитниот клуб. Регистрирај ја својата е-адреса и добивај специјални понуди и вести
Одјава е можна во секое време