Уредување на домот: Природно & тренди

Ве инспирираме...

167

Ви даваме предлози како својот дом да го направите поеколошки…

Со советите на нашиот експерт, вашиот дом ќе биде поздрава средина за вас и за вашите најмили. Не грижете се, ентериерот нема да биде помалку модерен доколку изберете природни материјали. Напротив!

Дрво

Дрвото е најдобар природен изолатор, па затоа е идеален материјал за изработка на прозорци и на врати. Наместо пластични прозорци, одлучете се за дрвени – со сигурност ќе забележите разлика во квалитетот на воздухот во просторијата. Подовите од ламинат и од вештачки материјали се поевтино решение, но не и нешто повеќе од тоа. Изберете паркет или подни облоги од полно дрво на даб или на јасен. Дрвото не ослободува штетни материи и дава совршено чувство на удобност и на топлина. Елементите од дрво му даваат на просторот и прекрасен естетски момент. Исто така, наместо да го бетонирате дворот, поставете дрвена подлога (декинг) – ќе заштедите пари, ќе го разубавите ентериерот и ќе ја зачувате околината.

Камен

Големата популарност на каменот во градежништвото доведе до поголемо производство на негови вештачки варијанти – кои се поевтини и полесни за вградување. Меѓутоа, овој материјал е и попропустлив, со пократок век на траење, а со текот на времето ја губи бојата. За вистинско чувство на хармонија со природата, изберете природен камен. Обложете ги подовите со мермерни плочи – ќе добиете чувство дека живеете во кралски дворец. Уредете ги ѕидовите во бањата во природен камен. Уфрлете и парчиња мебел од камен – ќе изгледаат како скулптура во вашиот ентериер. Користете го и за надворешно обложување на куќата – за да постигнете романтичен изглед на дворот.

Текстил

Речиси не постои ентериер во кој нема барем еден елемент направен од полиестер или од најлон. Ако и вашиот случај е таков, лесно можете да го смените тоа. Заменете го вештачкиот тепих со памучен или со волнен – ќе уживате во мекоста на ткаенината. Завесите од полиестер заменете ги со свилени – истовремено пропуштаат светлина и воздух, а задржуваат топлина. Не правете компромис и кога станува збор за постелнината, нека биде 100% од природен материјал – ќе бидете поодморени и полни со енергија. Заменете ги и пластичните мушами со чаршафи од природен материјал.

Билки

Во последно време луѓето го украсуваат домот со вештачки билки, бидејќи се поевтини, не се сушат и не треба да се залеваат. Не дозволувајте тоа да биде и ваш случај! Купете природно цвеќе и уживајте во неговиот мирис. Изберете да биде во саксија – со тоа придонесувате за зачувување на животната средина. Билките го разубавуваат просторот и го прочистуваат воздухот. Направете мал ритуал од нивното залевање. Ако немате време за тоа, купете кактус. Или набавете воздушести билки и мов – идеални се за мали простори. Одгледувајте ги во мали чинии или, едноставно, нека висат од плафонот за повпечатлив ефект.

Текст: Данило Вулетиќ, дипломиран инженер по архитектура

Прочитајте и

Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

Сакаш посебен третман?
Зачлени се во елитниот клуб. Регистрирај ја својата е-адреса и добивај специјални понуди и вести
Одјава е можна во секое време