Пријателки само на екраните: Како започнале конфликтите меѓу Кери и Саманта од „Сексот и градот“?

Нивната преписка на социјалните мрежи минатиот викенд ги шокираше сите

218

Уште од почетокот на снимањето на ТВ серијата „Сексот и градот“ се зборуваше за конфликтите меѓу 4-тите главни глумици, Сара Џесика Паркер, Ким Катрал, Синтија Никсон и Кристин Дејвис, кои наводно не можеле да се поднесат и се натпреварувале која е поголема ѕвезда.

Сето тоа се одразувало и на платите, но и покрај тоа снимале 6 години, а потоа направиле и 2 филма. Но, на крајот на минатата година, сета драма ескалираше кога конечно беше потврдено дека нема да се снима третиот филм. За сето тоа беше обвинета Ким Катрал, која наводно имала преголеми барања и изигрувала дива. Но, таа тоа го негираше и повеќе пати повтори дека не се работи за пари.

„Единственото нешто што го побарав е да не снимаме трет филм, а тоа беше уште во 2016 година. Тоа поглавје за мене е готово. Не се каам за ништо, само посакувам Сара да беше пољубезна“, изјавила Катрал.

Иако сите знаеја дека тие две не се во добри односи, нивната преписка на социјалните мрежи минатиот викенд ги шокираше сите. Откако Катрал објавила дека нејзиниот брат бил пронајден мртов на својата фарма во Канада, Паркер ѝ изјавила сочувство на Твитер.

„Најдрага Ким, љубов, сочувство за тебе и твоето семејство и благослов за брат ти.“

На ова Ким одговорила со многу остра објава.

„Мајка ми денес ме праша ’Кога ќе те остави на мира лицемерката Сара Џесика Паркер?’ Твојата постојана потреба да ми се доближиш болно ме потсетува на тоа колку беше злобна претходно и колку си злобна сега. Ќе ти го кажам ова многу јасно, ако не сум ти го кажала досега. Ти не си ми семејство. Не си ми пријателка. Ти пишувам за последен пат за да ти кажам да престанеш да ја искористуваш нашата семејна трагедија само за да си ја вратиш твојата репутација на ’добра девојка’“, напишала Катрал.

Сочувство ѝ изјавила и Синтија Никсон, а Ким ѝ напишала колку ѝ значи тоа што ѝ се јавила.

Целата драма започнала кон крајот на 90-тите. „Сексот и градот“ почнала да се прикажува во 1998 година, а на почетокот сите глумици чувствувале меѓусебна конкуренција. Но, тоа било најизразено помеѓу Паркер и Катрал. Сара Џесика била најголемата ѕвезда на почетокот. Од претходно ја познавала Синтија Никсон, а брзо се спријателила и со Кристин Дејвис. Ким го познавала само извршниот продуцент Дерен Стар.

Меѓутоа, по втората сезона него го заменил Мајкл Патрик Кинг, близок пријател на Сара Џесика. Таа набрзо станала продуцентка и се изборила за милион долари по епизода, додека другите актерки добивале по 350.000 долари. Наводно, Паркер чувствувала дека Ким ѝ е најголема конкуренција.

Таа станала црна овца. Паркер, Никсон и Дејвис не се дружеле со неа и постојано ја игнорирале. На снимањата не разговарале, освен ако не морале, а кога снимале надвор од градот, трите изнајмувале куќа, додека Катрал го правела тоа сама. Нејзе ѝ сметало и тоа што постојано морала да снима голи и секси сцени, додека Паркер никогаш не го соблекла ниту градникот.

Ситуацијата станувала сѐ полоша, а првиот филм се согласила да го снимат, дури откако ѝ платиле 5 милиони долари хонорар. Паркер добила 10 милиони, додека Никсон и Дејвис добиле по 2.

Дали сето ова е доволно за олку голем конфликт и остар одговор? Тоа никому не му е јасно. Сигурно е само тоа дека нема повеќе да гледаме „Сексот и градот“, барем не со Саманта.

Прочитајте и

Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

Сакаш посебен третман?
Зачлени се во елитниот клуб. Регистрирај ја својата е-адреса и добивај специјални понуди и вести
Одјава е можна во секое време