Ленено масло: Има голема улога во превенција и третман на карцином на дојка

437

И покрај постојаниот развој на дијагностички методи и унапредување на медицинската терапија, бројот на лица кои заболуваат од некој вид карцином се’ уште е во подем, а малигните заболувања се’ уште се вбројуваат во првите три причини за смртност на населението во развиените земји.

Ракот на дојка е најчестата и најпрогресивна форма на рак која ја погодува женската популација во повеќе старосни категории. Еден од главните елементи на развој на ракот на гради кај жените е пореметување на метаболизмот на естроген, односно неконтролирана пролиферација (размножување и делба) на ткивото на градите како последица на прекумерно естрогено дејство.

Денес науката покажува дека егзогени молекули наречени „ксено-естрогени“, присутни во храната и животната средина, имаат негативно дејство и допринесуваат во ваквото пореметување на метаболизмот на естроген. Затоа е важно да се влијае на подигнување на свеста кај жените за потребата од промени на начинот на живот, а особено начинот на исхрана, во функција на превенција од појавата на рак на гради, како и да се едуцираат жените за способноста на одредени елементи во храната да ја помогнат стандардната медицинска терапија во поефикасна борба со ракот.

Во таа насока, важно е да се напомене значајната улога на семето и маслото од лен, како во превенцијата така и во третманот на ракот на гради. Ваквата способност на ленот и лененото масло се должи на неговиот специфичен биохемиски состав и карактеристики, а особено на присуството на алфа-линоленската омега-3 масна киселина, како и на лигнантите/лигнаните (специфични полифенолни соединенија во кои доминатно е соединението secoisolariciresinol diglucoside (SDG)).

При дигестијата, под дејство на симбиотската цревна микрофлора, овие соединенија се претвораат во ентеролактон и ентеродиол – познати како фитоестрогени молекули кои имаат способност да помогнат во регулација на метаболизмот на естрогенот кај жената. Овие молекули се врзуваат за естрогените рецептори, попречувајки естрогенот или ксено-естрогените да се врзат за рецепторите, со што влијаат на намалување на растот и размножувањето на клетките, кое во комбинација со алфа линоленската омега-3 масна киселина помагаат да се спречи растот и размножувањето на малигните клетки и придонесуваат за нивно уништување.

Ленот и неговото масло се испитувани во голем број студии како на модели на малигни клетки изолирани од ткиво од рак на гради, така и на пациенти. Добиените сознанија и заклучоци укажуваат на неклку различни ефикасни механизми за блокирање на растот на малигното туморно ткиво. Еден од начините како ленот помага е со стимулација на дејството на сигналните молекули интерлеукини IL-1Ra кои го инхибираат дејството на про-инфламаторните интерлеукини IL-1α and IL-1β.

Студијата покажала дека терапија со 25 г семе од лен има еднакво ефикасно дејство со терапијата со тимоксифен (стандардна хормонска терапија која се користи при рак на гради) во зголемување на активноста на антиинфламаторните молекули IL-1Ra, со што се намалува проинфламаторното дејство на естрадиолот во ткивото на градите.

Друга студија правена кај новодијагностицирани пациенти со рак на гради исто така покажала дека внесот на лигнаните од ленот (користени во студијата преку дневен внес исто на 25мг на лен) довело до зголемена стапка на изумирање на малигните клетки, што ја покажува способноста на компонентите во ленот да го смали растот на тумор и рак на градите.

Она што е можеби уште поважно е дека денес науката потврдува и дека внесот на ленот и неговото масло, во комбинација заедно со тимоксифенот (стандардниот хормонски препарат) се поефикасни во намалување на растот на рак на градите зависен од хормонот естроген (конкретно тип MCF-7 estrogen receptor positive breast tumors), во однос на администраирањето само на медикаментозната терапија со тимоксифен. Ова укажува на потенцијалот од можната примена на ленот, односно леленото масло и во стандардниот третман и терапија кај ракот на дојка кај луѓето.

Исто така, и во поширока смисла, независно од правените клиничките студии, големо истражување кое ги следело и анализирало прехранбените навики на над 50.000 жени во период на пост-менопауза исто така покажало дека жените со најголем внес на лигнани, природни фитоестрогени, како оние содржани во ленот, имале најмал ризик за појава на рак на гради.

На крај треба да се истакне дека, препораката како од страна на докторите така и од страна на нутриционистите се да се прилагодат животниот стил и навики, пред во исхраната, во функција на редовен, континуиран внес на нутриенти кои го одржуваат добро здравјето и помагаат во превенција на појавата на малигни заболувања. Во таа насока, може слободно да се каже дека редовната консумација на ленот, односно ладно цеденото ленено масло, богато со омега 3 масни киселини и специфични полифенолни соединенија лигнанти, има докажана способност за регулација на метаболизмот на хормонот естрогенот, односно способност да го блокира и балансира дејството на естрогенот и со тоа да помогне и да превенира абнормален раст на ткивото на градите, формирање или растењето на тумор и повеќе видови рак на дојка.

Подготвил: Сашко Дрвошански – нутриционист

Прочитајте и

Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.