5 причини зошто брзо загубените килограми се враќаат уште побрзо

Зошто се дебелеам повторно?

190

Бевте на диета и ослабевте. Тамам се опуштивте задоволни од новиот изглед, кога, неколку недели подоцна, се качувате на вага и – гледате дека бројката повторно расте! Како е можно? Па, причините се различни, а вие проверете дали препознавате некоја кај себе

  1. Диета како решение

Самиот концепт на држење диета е проблематичен, затоа што нашиот мозок е програмиран да претпочита задоволства и решенија прекуноќ. Затоа бараме диети што за кратко време ветуваат чуда – јадејќи само една намирница или исфрлајќи од исхраната цела категорија храна. Некои од диетите ќе придонесат за кратко време да симнеме значителен број килограми, но ниедна нема да доведе до промена на нашите навики и на нашиот метаболизам – што е клучна причина за дебелеење.

Затоа е најдобро да направиме промени на подолги патеки – да го намалиме количеството храна и да консумираме состојки со помал број калории.

  1. Целта изразена во килограми

Килограмите се само бројка – на лист хартија, на вагата, во главата. Затоа настојувањето да се постигне одредена килажа е погрешно. Кога ќе стигнете до целта, не можете да им се вратите на старите навики, вашиот труд и самоконтрола мора да продолжат на подолги патеки. Затоа многу подобар резултат може да постигнете ако поставите цели што зависат исклучиво од вас – да вежбате одреден број пати во неделата, да јадете одредено количество зеленчук секој ден… Потрудете се да откриете што ве тера да се прејадувате – стрес, замор, недостиг од сон… Сменете ги навиките и на добар пат сте да ја одржите витата става.

  1. Погрешен повод

Комплиментите на сметка на изгледот и влегувањето во потесни фармерки ќе ве доведат до одредена точка, но мотивацијата многу брзо ќе ја загуби силата. А ако чекате мотивација за да ослабите, лесно можете да паднете во стапицата на старите навики, макар додека ве погоди некој здравствен проблем. Акцијата ја создава мотивацијата, а не обратно. Значи, не почнувајте диета за да изгледате подобро во бикини, туку за да бидете здрави – така полесно ќе ја постигнете својата цел, а и ќе ја одржите.

  1. Недостиг од физичка активност

Факт е дека поголемиот дел од денот го поминуваме во седење или во лежење. Таквиот животен стил доведува до голем ризик од срцеви и други видови болести, предупредуваат експертите. Тие истакнуваат дека лицата што интензивно тренираат 1-2 пати неделно, а остатокот од времето седат или лежат имаат ист ризик да заболат од кардиоваскуларни заболувања како и оние што само лежат и седат. Значи, диетата не е решение, дури ни промената на начинот на исхрана на подолги патеки нема да биде од голема полза доколку не се активирате физички. Настојувајте тоа да го правите редовно, најмалку трипати неделно.

  1. Избегнување појадок

Утринскиот оброк е најважен за правилно функционирање на мозокот. Доколку го замените со кафе, ќе имате повеќе време да ги однесете децата во градинка и да стигнете на работа навреме, но ризикувате да почувствувате посилен напад на глад и намалена концентрација во работата. Една нова студија на Американската агенција за контрола на тежината покажа дека 78% од луѓето на диета што постигнале пониска телесна маса редовно појадуваат. Помислете на тоа кога следен пат ќе посегнете по кафето наместо по нешто конкретно за јадење.

Текст: Наташа Човиновска

Прочитајте и

Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

Сакаш посебен третман?
Зачлени се во елитниот клуб. Регистрирај ја својата е-адреса и добивај специјални понуди и вести
Одјава е можна во секое време