8 кризни ситуации (& како да реагирате)

Овие реквизити секогаш нека ви бидат при рака – така брзо ќе санирате многу незгодни ситуации…

Ненадејна појава на акна не може да се квалификува како кризна ситуација – освен ако не сте тргнале на интервју за работа или на венчавка!

Ви претставуваме неколку мали трикови за отстранување на акните што ви го загорчуваат животот и за решавање уште седум други „инциденти“, како и начини да ја спречите нивната појава.

1 АКНА

Решение: Користете крем или гел на база на салицилна киселина двапати дневно, додека акната не се повлече.

Превенција: Редовно мијте се со гел на база на салицилна киселина со што ќе спречите наталожување нечистотии и маснотии во порите на кожата. По чистење на лицето, употребете немастен крем. Ако почувствувате дека се формира акна, на тоа место нанесете гел со 5% бензоилхидроксид.

2 ХЕРПЕС (на усни)

Решение: Местото на кое се појавил херпесот мачкајте го со наменска маст: “ацикловир“ или “цинкова маст“). Кога ќе се формира крастичка, продолжете да ја мачкате со вазелин, за да спречите пукање на кожата. Местото закамуфлирајте го со малку густ коректор за лице, врз кој ќе нанесете прав-пудра.

Превенција: Најважна заштита е силен имунитет. Покрај здрава исхрана, земајте и диететски производи што ќе ви ги одреди лекар. Усните хидрирајте ги со редовна употреба на балсам со СПФ 30 и обидете се да ги избегнете типичните предизвикувачи на херпес, како што се: стрес, изложување на УВ-зраци, депилација со восок, употреба на ретиноиди, хемиски пилинг и ласерски третмани. Од лекарот побарајте да ви пропише некој антивирален лек, кој може да ја скрати херпесната фаза. Штом ќе почувствувате пецкање, веднаш земете го лекот.

3 ЦРВЕНА КОЖА

Решение: За смирување иритирана кожа, втријте крем што содржи 1% хидрокортизон, кој ќе ви ги намали отокот, црвенилото и јадежот. Ако црвенилото е последица на розацеа, посегнете по препарати на база на камилица, силимарин и бухач, кои можат да отстранат послаби симптоми.

Превенција: Лицето чистете го со нежно средство и избегнувајте употреба на ретиноид, гликолна и салицилна киселина три дена пред пилинг или депилација со восок. Лица со розацеа треба да избегнуваат контакт со вазодилататори – сонце, алкохол и лута храна. Многу е важно дерматолог да ви воспостави правилна дијагноза и да ви одреди делотворна терапија.

4 ОТЕЧЕНИ КАПАЦИ

Решение: Неколку минути држете ладни облози, а потоа на кожата на капаците нанесете антивоспалителен крем со кофеин.

Превенција: Ако отокот на капаците е последица на алергија, тогаш антихистамински препарат би требало тајно да ви го реши проблемот. Но ако немате алергија, тогаш испијте чаша вода пред спиење и делот околу очи намачкајте го со нежен антирид. Посилни хидратантни средства можат да ја зголемат потеченоста на капаците, бидејќи ја задржуваат влагата во кожата (што во нормална ситуација е пожелно). Секогаш спијте на две перници – за да спречите слевање на течностите во делот под очите.

5 ИЗГОРЕНИЦИ ОД СОНЦЕ

Решение: Испијте аспирин или некој друг антиинфламатор за намалување на болката и отокот. Потоа ставете ладни облози (од млеко или од вода), а кога ќе почувствувате олеснување, тие места намачкајте ги со хидрокортизонски крем, кој може да го купите во аптека. Ако болката е придружена со појава на плускавци и покачена телесна температура, веднаш обратете се на лекар.

Превенција: Пред да излезете од дома сите откриени делови на телото намачкајте ги со заштитен фактор. Кога престојувате на плажа потребно ви е количество препарат што го собира во чашка за жестоки пијалаци (за цело тело), а секои два часа треба повторно да се мачкате. Ако препаратот за сончање што го употребувате во град остава бели траги на лицето, пред да го нанесете измешајте го со малку течна пудра.

6 МОДРИЦА

Решение: Што е можно побрзо изладете го местото по повредување, за да ги стесните крвните садови и да го намалите отокот, а со тоа и големината на модрицата. Во наредните 24-48 часа држете мраз на загрозеното место неколку пати во текот на денот. Ако модрицата се гледа, можете да ја прекриете со погуст слој коректор.

Превенција: Една недела пред вбризгување филери или ботокс престанете да пиете аспирин, антивоспалителни лекови, омега-3 масни киселини, жалфија или вит. Е во таблети – овие средства ја разредуваат крвта. Ден пред третманот не пијте алкохол, кофеин, препарати со гинко билоба и со женшен.

7 ВРАСНАТИ ВЛАКНА

Решение: Додека се туширате, направете пилинг, а потоа проблематичната регија намачкајте ја со препарат на база на салицилна или гликолна киселина. Потоа нанесете хидрокортизонски крем за да го смирите црвенилото или отоците. Ако влакното ѕирка над кожата, искорнете го со пинцета, но немојте да копате под кожата!

Превенција: Ако бричењето е причината за враснување на влакната, тогаш жилетот повлекувајте го во правец на растот на влакната, а не спротивно. Меѓу две бричења кожата мачкајте ја со хидратантен крем со салицилна киселина. Ако се депилирате со восок, овој препарат употребувајте го два дена пред закажаниот термин и три дена по депилирањето. Најефикасен, но и најскап метод за отстранување влакна е ласерски третман. По само три третмани растот на влакната се редуцира 50-80%.

8 НЕРАМНОМЕРНО ПОТЕМНЕТ ТЕН

Решение: Исцедете сок од лимон и истријте ги потемните делови на кожата додека се туширате. Кога кожата ќе се исуши, по цела површина втријте препарат за постепено потемнување или тониран бронзер.

Превенција: Пред да нанесете средство за самопотемнување, направете пилинг и сосема исушете ја кожата. Употребувајте тонирани препарати – ќе ви овозможат да гледате каде ја нанесувате бојата и навреме да спречите нерамномерности.

Текстот продолжува на следната страница…

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.