Да го загрееме октомври со топлината на љубовта!

Да го загрееме октомври со топлината на љубовта!

SHARE
Ева Мендез: „За себе мислам дека сум комплексна и дека играм голем број улоги. Како и сите жени. Да се биде жена денес значи да сеработи сè. Има толку многу улоги само во еден ден: како мајка, како вработена жена, сестра, пријателка, сопруга…“

„За да бидете со партнер каков што сакате, прво вие треба да станете жена каква што сакате да бидете!“ – еден од заклучоците на темата на нашиот октомвриски број – „Како да го привлечеме вистинскиот“. Што воопшто значи  – вистинскиот?! Човекот кој ги поседува квалитетите за кои сонува модерната пепелашка? Човекот кој е поддршка? Човекот кој е убав, духовит, паметен…? Помеѓу сите овие зборови, веројатно најважен е зборот – човекот! Сите знаеме што е синоним за човек – и можеби тоа е единственото нешто кон што треба да тежнееме… И да не забораваме: ако „партнерот е нашето огледало“, дали се гледате себеси во него?!

Овој октомври посакавме акцентот на бројот да го ставиме на љубовта, затоа што сакале ние да признаеме или не, на крајот, таа е најважното нешто во мозаикот наречен живот.

Сузана Турунџиева: Јас, по сите загуби што ги преживеав, сфатив дека сум жена воин, а не губитник.

А што ако вистинскиот замине засекогаш?! Ненајавено и ненадејно, тивко го напушти не само семејството, туку и овој свет… Сузана Турунџиева како инспирација за сите жени кои животот им поставува предизвици во кои жената ја покажува сета своја сила и на крајот, се справува со нив.

Модерниот животен стил, носи и модерни правила во врските, а ние ви ги откриваме новите поими што точно ги опишуваат сите варијанти на односите и нивните значења…

Ако пак сте пак со вистинскиот партнер покрај вас, тогаш ви откриваме 8 секс-пози препорачани од жени, кои ги испробале… а не советуваат и како да ги зачиниме работите во спалната соба. 🙂

Во пресрет на големиот концерт на групата „Меморија“ во ноември разговаравме со вокалот на бендот, Апостол Икономов кој ни ја раскажа приказната за новиот „Оган под ѕвездите“ и чувството кога – „Сите воздивнуваат по тебе“!

Ева Мендез во приказната од насловната зборува за своите ритуали во негата, но и открива колку улоги во денот жената треба да одигра во сопствениот живот. А ние, за сегментот „Убавина“ се инспириравме за мејк-ап едиторијал во соработка со „Орифлеим“ – „Сите лица на една жена“, колку мејк-ап улоги можеме да одиграме…

Во нашиот фокус се секогаш и брендовите по кои воздивнуваме! Овој број, во фокусот ни е „Сваровски“ – погледнете ги новитетите: колекцијата часовници и блескавата „Atelier“ линија накит од повеќе „Сваровски“- дизајнери .

Брендовите кои се дел од нашиот животен стил се прашање на избор, но и прашање на висината на средствата кои ги заработуваме. Зборувате ли со вашите блиски, партнерот, пријателите на тема пари во конкретни бројки? Знаат ли колегите колку заработувате? Постои ли дефинирана цената на професионалните ангажмани на нашиот пазар на трудот? Во темата на бројот пари истражуваме: Зошто молчиме за парите?

Мода и убавина: двата сегменти во кои посебно уживате во „Убавина и здравје“. И овој октомври ви ги донесуваме сите жешки новитети за нега на вашата убавина, а и нова модна приказна во едиторијалот: „Новите модни хоризонти“ на нашата модна уредничка Магдалена Медичи и моден фотограф, Александар Велов. 

Хавиер Бардем е нашиот избор на личност во сегментот – „Сцена“, а во рамките на нашите патувачки белешки ве водиме во најатрактивните спа-центри. Ентони Бурдеин не’ инспирираше за нашите гастро-белешки овој број, а ви подготвивме и забавен велнес-тест, кој ќе ви овозможи да го проверите вашето знаење за суплементите.

Од утре стартува и нашата нова „У&З лавина од подароци“! Обезбедивме нови прекрасни подароци за нашите читателки на магазинот и веб-изданието. Редовно посетувајте го нашиот портал и „Фејсбук“-профил за да аплицирате за некој од подароците кој вам најмногу ви се допаѓа.

Уште и погледнете го нашиот избор на „Херои од супер-маркетите“, а на 20-ти октомври посетете го нашиот портал за да ни кажете кои се производите и брендовите кои секогаш се наоѓаат во вашата потрошувачка корпа и зошто?

Не пропуштајте го нашето октомвриско издание на „Убавина и здравје“ од 9-ти достапно на сите продажни места! А и пишувајте ми што е за вас #ОнаШтоНавистинаЕВажно на мојата мејл адреса: urednik@ubavinaizdravje.mk

Наведете што и кого би сакале да видите на страниците на нашиот ноемвриски број!

Нека не’ грее љубовта овој студен октомври! 😉

Ваша,

Јована Стојменовиќ,

главен и одговорен уредник на „Убавина и здравје“

#ОнаШтоНавистинаЕВажно

 

НЕМА КОМЕНТАРИ

Оставете Одговор