У&З-колумна: Мачкице, си грмиш!

У&З-колумна: Мачкице, си грмиш!

SHARE

Живееме во чудни времиња. Да ме праша некој што мислам за начинот на живот денес, нема да се однесувам како пензионер и да почнам да мрчам дека моралните вредности се изместени, дека сме презависни од технологија и слични клише чаршиски муабети, но дефинитивно ќе кажам дека веќе правилата на игра се многу сменети. Секое време и секој начин на живот си има предности и слабости, а денес дефинитивно селекцијата на информации царува. Повеќе не е проблем да стигнеме до информации, со модерниве технологии сè е на ачик; проблемот е што правиме со нив.

Прв проблем е желбата за внимание. Сите ја имаме, кој помалку, кој повеќе, ама кога ќе забележите дека некој претерува, можеби е време да престанете да судите и да почнете да размислувате дека тоа е очаен обид за барање помош. Другарката која постира 570 „селфија” во секунда, сигурно не е пресреќна, туку можеби чека некој близок да ѝ пише, да ја викне на кафе и да направи содржински муабет со неа, а не да ѝ стиска лајкчиња и да ѝ пишува „мачкицо, топ си, си грмиш”, „пеперутко, магична си” и преостанати клише-лицемерни блувотини.

Втор проблем е достапноста на луѓето. Еден мој другар, уште пред 10 години рече дека Фејсбуков со тек на време ќе стане најголем електронски директориум на луѓе. Буквално, можеш да најдеш кого сакаш и да дознаеш се’ живо и диво за него/неа. И што со тоа? Сега ќе ги манијачиме сите кои некогаш ни се допаѓале, ќе си скенираме објавите на симпатиите и ќе бараме подконтекст, ќе ровариме по профилите на бившите да видиме дали уште мислат на нас?

Третиот проблем е преголемиот избор. Сами сте, во врска, во брак? Голема работа, имате 5.000 „пријатели” на Фејсбук, 3.000 следбеници на Инстаграм, 10.000 следбеници на Твитер, ако партнерот ви оди на нерви и не ви оди по газот, секогаш има избор, така? Ти си посакувана личност, не ти треба некој кој постојано ќе се обидува да те смени, ене ги лајкачите само чекаат можност да бидат со тебе. Обожавателите од социјалните медиуми не се репер за воодушевување и почит, туку купче луѓе кои тепаат досада онлајн и бараат дворски шут за забава или парче месо по кое ќе се лигават. Не е баш момент за ласкање.

Толеранцијата ни остана на минимум, изборот е голем. Што добиваме со можноста за голем избор? По мене, само повеќе главоболки. Се сеќавам на еден момент пред 10 години кога по целодневно акање низ Белград, со друштвото решивме да седнеме во ресторан на база на шведска маса. Избор колку сакаш, а ти гладен. На крај земав од сè по многу што резултираше од планини бучкуруш кои чинеа еден тон пари, а ни се најадов, ниту пак ми беше вкусно. Така и денес, од многу избор, наместо сите да се пресреќни, испаѓаат дека се најблиску до депресивни и разочарани.

Се изгуби и магијата на тоа да запознаеш, или да видиш некој(а) кој(а) ќе те воодушеви и потоа да бараш под дрво и под камен да дознаеш како се вика, каде живее и каде излегува за да успееш барем повторно да се видиш. Одамна го нема исчекувањето на телефонски повик на фиксен, зборување со часови со симпатијата, договарањето недела дена однапред во точно време, на точно место, а притоа секој да се појави без изговор дека метеор му го погодил станот и морал да гасне пожари.

И што сега? Многу е едноставно. Да си ги послушаме постарите кога нè учат дека сè што е претерано – не чини! Веќе и без социјални медиуми не се живее, ама не мора секоја можна екскурзија до локалното гранапче да ја документираме. Можеме некогаш и да се исклучиме и да си направиме посодржаен муабет, да им го раскажеме последното патување на најблиските наместо да им праќаме фотки по чет. Еве, јас ќе почнам прв, следниот пат ќе документирам нешто поразлично, па ќе се препрочитаме за месец дена. Ај чао, доста беше како за првпат.

Владимир Ристевски

Прочитајте и: Лиса: Те знам од дете, ти беше лош ученик, едвај заврши факултет

 

НЕМА КОМЕНТАРИ

Оставете Одговор