КОЛУМНА: Кога судбината ќе ти брцне со прстот в око

КОЛУМНА: Кога судбината ќе ти брцне со прстот в око

SHARE

Лежевме голи на мојот кревет, во тотална темница. Сè беше врело, климата ми цркна, па се ладевме со помош на вентилаторот што го ископав од подрум. Вероника гледаше во делот од плафонот што беше осветлен од уличната светлина и со показалецот ми ја виткаше косата, а јас ја гризев долната усна. Всушност, чудо е тоа што воопшто успеавме олку да издржиме без да се опнеме. Само да не почне да ме дави, како пред 10 години.

„Ова ме потсетува на 2011 година“, кажа тивко. „Грозна година, ужасно лето. Горештина како сега, кај тебе. Само што се доведов во ред по второто породување, одлучив таа година да одам на одмор без Пеце. Бев во стилот – не ми е гајле, ќе одам со кумата Нада. Со автобус, на Халкидики. Пеце одите со децата кај неговите во Охрид, а јас со Нада во Неос Мармарис. Засекогаш ќе ги паметам тие два збора… Туку, зошто ти секогаш создаваш ваква атмосфера по секс?“

„Што?, се сепнав бидејќи бев до тој миг го проучував нејзиното тело… градите, половината, стомачето… Човече, оваа овде имала две породувања? Нема шанси!

„Што ’што’? Целиот се скиселуваш како да ти јавиле дека ти умрел омилениот далечен роднина. Тетин Васил.“

„Кој?“

„Тетин Васил, мојот омилен далечен роднина! Човече, со текот на годините стануваш поглупав. Зошто толку очигледно се онерасположуваш по секс? Зошто е толку болно јасно дека во овој миг најмногу би ти годел еден ’backspace’ со кој би ме избришал?! Ист таков, никаков, беше и пред 10 години, само што јас тогаш бев млада и глупава. Мислев дека проблемот е во мене, но сега знам дека е во тебе. Зошто незадолжителниот секс да не може да биде незадолжителен? Со своето надркано молчење толку ја наметнуваш незадолжителноста што жената покрај тебе едноставно ќе посака со сила да те одвлечка пред олтар само за да видиш дека обврзувањето и не е толку страшно. Кретену!“, заклучи и ме касна за десното рамо.

„Извини, можеби е така бидејќи сум единец“, изговорив без да покажам колку ме заболе рамото.

„Ма немој, жити мајка?! А колку браќа и сестри имам јас? Дваесет?“, ме погледна. „Ти немаш поим, не знаеш ништо за мене“, заклучи разочарано и со израз на бесно дете погледна во истиот дел на плафонот како и пред малку.

„Тетин не е роднина“, се обидов малку да ја разведрам атмосферата, но постигнав спротивен ефект.

„Еј, беше во право, не требаше да доаѓаме кај тебе, ништо од ова не требаше да се случи, само ни го расипа односот, кој конечно тргна во некоја позитивна насока!“

„Еј, а што се случи во Грција?“, на крај ја погодив вистинската шифра, бидејќи ме погледна ѓаволесто и прозбори со мазен глас:

„Што беше? Првата вечер, само што се сместивме во апартманот а кожата ми беше сета изџвакана од автобуското седиште, излеговме во едно кафуле и запознавме двајца…па…“

„Двајца Грци?“

„Ма не, двајца наши! Јовица и Марко! Од Капиштец! Го знаеш она кога судбината ќе те брцне со прст в око штом малку ќе си поиграш со неа? Е, па ова беше тоа!“, целата се разнежи.

„Не ми беше јасно како можев толку брзо да заборавам дека имам маж и две деца. Добро, децата не ги заборавив, ама Пеце… Како никогаш да не постоел! Знаеш ли ти каква дивјачка е кума Нада? Па Пеце мора да е луд штом ме пушти да одам со неа во Грција! Да не сум јас можеби за фрлање?! А?“, почна да ме тресе за рамото.

„Не, а каде за фрлање?“, го кажав единственото што ми падна на памет. „Па што беше со Јовица? Или со Марко?“

„Ма со двајцата! Двете со двајцата! Де со едниот, де со другиот, де со двајцата! Де едната, де другата! Сите десет ноќевања!“

Со некој нејзин збор во желудникот ми се разгоруваше посилен оган. Се чувствував како да ми раскажува нацистички злосторства, а не своето весело летување во 2011 година.

„Претпоставува, Пеце не ни дозна за ова?“

„Дали си нормален? Се разбира дека не дозна! Да знаеш само колку пати Нада и јас кришум се смеевме на тоа… Не знам како не ме удри некој гром поради тоа! Како да не бевме тоа ние двете на море, туку некои други две, добро, таа си беше своја, а јас… хм…“

Повторно замислено ми ја плеткаше косата, а јас бојазливо ја прашав:

„А дали подоцна се гледавме со Јовица и со Марко?“

„Е, од сè тебе баш тоа те интересира, нели?“, ми удри ластик. „Одам да се истуширам…“

 

НЕМА КОМЕНТАРИ

Оставете Одговор